ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/28/21 4:26 PM

Продолжи вакцинацијата на Македонци во Србија

Во Србија денеска продолжи вакцинацијата на македонски и странски државјани со вакцини на „АстраЗенека“. За разлика од Белградскиот саем каде беше празно, во Ниш поради големиот број неповикани македонски граѓани се создаде голема турканица.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, на Белградскиот саем, за разлика од вчера, кога беа вакцинирани 5.299 странски државјани, од кои речиси половината беа Македонци, денеска беше празно. Ги немаше вчерашните турканици, а како што изјавија здравствените работници на саемот, бројот на Македонците кои до пладне се вакцинираа изнесувал над 100.
Неколкумината кои МИА ги сретна на саемот без да чекаат ред, а кои дојдоа на закажаниот термин од српската е-управа, беа презадоволни од приемот и самиот процес на вакцинација со бесплатните вакцини на „АстраЗенека“.
Имаше и десетина македонски државјани на кои им беше дозволено да ја примиат вакцината и без потребната пријава и покана и покрај апелот од српската владина Канцеларија за е-Управа, која вчера ги повика граѓаните на соседните земји, меѓу кои и од Северна Македонија, кои немаат закажано термин за вакцинација, да не доаѓаат во Србија, бидејќи нема да бидат вакцинирани.
„ Ние сме двајца браќа од Струга, дојдовме во Белград без да аплицираме и да добиеме покана, прашавме и ни дозволија да се вакцинираме, и сега сме презадоволни,“ изјавија тие.
И покрај апелот на српските власти имаше и други наши граѓани кои без закажан термин се вакцинираа.

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7