ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/27/21 9:37 AM

Битолскиот театар го слави Светскиот ден на театарот

Ансамблот на Народниот театар од Битола денеска го слави 27 март – Светски ден на театарот и според востановената традиција вечер на сцената „Благој Стефановски-Баге” ќе ја презентира последната премиерна претстава „Ноќта кога ја убив месечината”.

Пред почетокот на претставата, публиката во Битола ќе ги чуе македонската порака, чиј автор е актерката Сузан Акбелге од Турскиот театар од Скопје, како и пораката на Хелен Мирен, актерка од Велика Британија.

– Во далечната 1606 година кога во Лондон за време на големата чума театрите биле повеќе затворени отколку отворени, Вилијам Шекспир во самоизолација ги создал двете култни драми Кралот Лир и Магбет… Актерите ги напуштиле големите градови додека претставите се изведувале на отворено во помалите места. Кризите секогаш се шанса за преобразба. Какви суштински промени ќе донесат последиците од пандемијата сѐуште не знаеме, но она што со сигурност го знаеме е дека светот во којшто човечката жед за консумирање го достигна врвот, наспроти битисувањето и креирањето, човечката рамнодушност кон сѐ околу него, општествената матрица која на сила втурнува политички чиновници кои уништуваат институции и цели генерации луѓе… актери, е неодржлив и дека промените се неминовни и нужни како на општествено, така и на социјално, економско, човечко и културолошко ниво, се нагласува во пораката напишана од Акбелге која вечер во Битола ќе ја прочита актерката Марија Стефановска.

Пред културниот аудиториум во Битола ќе биде прочитана и меѓународната порака на британската актерка Хелен Мирен која посочува дека ова време е многу тешко за изведувачките уметности, тешко е за многуте уметници, техничари и занаетчии, за жените кои се борат за своето место во оваа професија, која бездруго е обележена со несигурност. Според Хелен Мирен, оваа постојано присутна несигурност, ги направи театарџиите поспособни да ја преживеат оваа пандемија со мудрост и храброст.

Како што е познато актери на НУ Нроден театар-Битола најновата премиера „Ноќта кога ја убив месечината” ја подготвија во време на пандемија која според репертоарот и вечер ќе се одигра пред публика, а ќе настапат Марјан Ѓоргиевски, Александар Копања и Валнтин Светозарев.

 

 

Извор:

mia.mk


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1