ММС

Објавено на: 03/26/21 4:32 PM

Ретки случаи на корона кај вакцинираните со Спутник В

Случаите на зараза со коронавирус по примање на руската вакцина Спутник В се многу ретки – објави денеска руската новинска агенција Тас повикувајќи се на изјавите на научниците кои стојат зад оваа вакцина.

„Во процесот на мониторинг по вакцинацијата, ги идентификуваме ретките случаи на инфекција со корона меѓу луѓето кои се вакцинирани само со една доза и изолирани случаи меѓу оние кои се вакцинирани со двете дози, а кај кои се’ уште не е поминат периодот од 21 ден за создавање имунитет“, изјави шефот на рускиот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија Гамалеја, Александар Гинзбург.

Според него, една личност се смета за вакцинирана и заштитена од ковид-19 дури откако ќе поминат три недели од приемот на втората доза на вакцината.

„Нашето истражување покажува дека имунитетот побрзо се создава кај младите, додека кај постарите, особено кај оние над 60 години, може да потрае и повеќе“, наведува истражувачот.

Тој ги повика сите вакцинирани против ковид-19 да се придржуваат до заштитните мерки и да продолжат да носат маска, да ги мијат рацете и да одржуваат социјална дистанца, особено во периодот меѓу првата и втората доза, но и во рок од три недели по добивањето на втората доза.

„Тоа ќе му помогне на телото да формира стабилна заштита од вирусот, дури до 92 отсто. Тоа е особен важно за лицата постари од 60 години, бидејќи тие како што и сите гледаме во пракса, се во опасност да добијат посериозни симптоми и компликации од болеста“, заклучува Гинзбург.

 

Извор: rtv.rs


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1