ММС

Објавено на: 03/25/21 12:41 PM

Над 5 милиони денари вложени во новиот Дневен центар во Топанско поле: Се очекува подобро прифаќање и вреднување на граѓаните со попреченост

Со капацитет за 24 корисници раполага новиот Дневен центар за лица со попреченост, кој денеска беше отворен во Заводот за рехабилитација на деца и млади во Топанско поле. Новиот Центар е наменет за лица со интелектуална попреченост од 14 до 26 години и објектот во кој е сместен  е целосно реконструиран, а самата установа трансформирана согласно измените во Законот за социјална заштита.

„Согласно трансформацијата на установата, работата е организирана во неколку служби и оддели. Една од тие служби е и службата за дневно згрижување на корисници во рамките на кои работат 3 оддели – оддел за дневен престој и индивидуален третман на корисници од 7 до 14 години, оддел за дневно згрижување на корисници од 14 до 26 години и оддел за дневно згрижување на корисници над 26 години“, изјави денеска директорот на Заводот за рехабилитација, Фатмир Ејупи.

Според него, работното време е од 07 до 17 часот.

„Основна цел на социјалната услуга за дневно згрижување на младите лица со попреченост во рамките на одделот за дневно згрижување на корисници од 14 до 26 години е унапредување на квалитетот на животот на младите лица со попреченост, директна стручна помош за нивните семејства, како и сензибилизација на заедницата заради разбирање, прифаќање, вреднување и создавање на еднакви можности за сите граѓани на локалната заедница. Капацитетот за давање услуга за дневно згрижување е до 24 корисници. Тимот за работа со корисници се состои од двајца дефектолзи, лекар, негувател и инструктор“, објасни Ејупи.

Според министерката, Јагода Шахпаска објектот е реконструиран согласно европските стандарди, а за реконструкцијата ресорното министерство вложило 5,3 милиони денари.

„Тука работат професионални лица кои изготвуваат индивидуални планови согласно потребите на корисниците на дневниот центар, но имаат и заеднички активности за да се вложи во индивидуалниот максимален потенцијал на секој корисник за да може да се вклучи во општеството“, додаде таа.

Со отворањето на новиот Дневен центар се прави чекор напред  во процесот на деинституционализација, кој според Шахпаска, не значи само извлекување на корисниците во мали групни домови.

„Процесот истовремено значи внесување, односно приближување на социјални услуги во заедницата. Работиме на еден план со кој Заводот ќе го трансформираме во европски, современ објект во кој ќе постои лепеза на услуги за корисниците од Скопје, но и пошироко“, појасни денеска министерката.

 

Фото:  МТСП

В.М


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1