ММС

Објавено на: 03/23/21 2:10 PM

ВМРО-ДПМНЕ бара од МЗ да каже кои политичари се вакцинирале против коронавирус

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе посебно барање до Комисијата за здравство да побара информации од Министерството за здравство кој се е вакциниран, бидејќи во јавноста се појавиле информации дека се вакцинирани и политичари од власта. Сомнежот, според опозицискиот пратеник Миле Лефков, е каде се вакцинирани тие, дали тука или во други држави.

-Сомнежите дека вакцинацијата се злоупотребува поточно дека се вакцинирани и политичари од власта мора да се расчисти. Не може и не смее да нема вакцини за здравствените работници, а да има за политичарите од власта. Во интерес на јавното здравје апелираме информациите за тоа кој се е вакциниран да се декласифицираат, кажете кој се е вакциниран. Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесеме посебно барање до собраниската Комисија за здравство да побара информации од Министерството за здравство и точно да се знае кој до сега се вакцинирал против корона, изјави Лефков.

Посочи дека бројката на заболени е околу 30 проценти од вкупно тестираните, а на починатите секој ден е по неколку десетина.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1