ММС

Објавено на: 03/18/21 12:52 PM

Голем пожар во Турција, изгореа 60 куќи во село, државата на селаните ќе им изгради нови

Министерот за животна средина и урбанизам на Турција, Мурат Курум, денеска соопшти дека ресорните власти во рок од половина година ќе изградат нови куќи во селото Дереичи, во северозападниот дел на земјата, кое вчера беше зафатено од голем пожар, јавува aгенцијатa Анадолија (АА).

Курум преку Твитер упати порака со сочувство до семејствата во областа Артвин кои во пожарот останаа без домовите.

„По налог на претседателoт Реџеп Таип Ердоган, на местата на изгорените 60 куќи во рок од шест месеци ќе изградиме нови куќи и тоа заедно со шталите и придружните објекти“, соопшти Курум.

Курум рече дека надлежните екипи веќе се на терен и ја утврдуваат штетата предизвикана од вчерашниот пожар.

Пожарот зафати голем број куќи на подрачјето на селото Дереичи во областа Артвин, на северниот дел на Турција. Според првичните податоци, сѐ уште не е утврдена причината за пожарот кој изби во една куќа, а брзо се прошири и на други куќи во тоа подрачје.

Заменик-министерот за внатрешни работи на Турција, Исмаил Чатакли изјави дека иако пожарот брзо се проширил, немало човечки жртви.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.