Нов Дојран ќе има и покриен пазар и Дом на култура
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/11/21 4:20 PM

Нов Дојран ќе има и покриен пазар и Дом на култура

Ниту два градоначалнички мандати од двете најголеми партии во државава, не беа доволни за да се разреши прашањето со единствениот објект за култура во општина Дојран кој моментално стои како недовршена карабина.

На истекот на времетраењето на актуелната локална власт, повторно се отвора овој проблем, овојпат со најава дека ќе биде два во едно, односно дека на местото на поранешниот Дом на култура ќе се изгради и пазар и објект за културни манифестации.

Според објаснувањето од градоначалникот Анго Ангов, ќе се продолжат градежните работи на локацијата на поранешниот објект, за која цел веќе е завршена и постапката.

– Тоа е прва фаза, односно покривање на домот и фасадата која ќе се прави и исто така во склоп на домот, цементираната подлога која веќе постои ќе биде покриен пазар. Ќе направиме културно градско пазарче коешто ќе ги задоволува сите стандарди, најави Ангов.

Пред две години советниците од оваа општина одлучија намерата на претходните власти за пренамена во затворен пазар, да ја сменат повторно во намена – објект од културата, а од тогаш на терен ништо не се подмести.

Претходникот на Ангов Стамов, пак пред неколку години, реши да го расчисти стариот објект, со вадење на инвентарот и рушење и да го направи затворен пазар, кој никогаш не се заврши. Идејата беше да се привлечат странските туристи кои тогаш пазаруваа во ова населено место, особено Грците кои освен тоа секојдневно доаѓаа да полнат гориво, а користеа и здравствени услуги.

Со тоа замина во заборав историјата на овој објект во кое постоело првото кино во Дојран, и кадешто децата ги одржувале своите приредби, а се остварувале и концерти на фолклорните друштва.

 

 

Роза Шулева


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7