ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/11/21 3:37 PM

Наместо да лаже, Каракачанов нека им се извини на Евреите за депортацијата во Треблинка, рече Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ

“Од сите што ги наведе Каракачанов во листата ниту еден нема бугарски пасош, а ова е нарачка од тука со цел да се дефокусира јавноста од огромните скандали кои излегоа на површина во последните неколку дена“, рече за ММС, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски чие име се најде на списокот со политичари кои ги има во избирачкиот список за парламентарните избори во Бугарија, а кои ги објави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Здравковски рече дека се изнасмеал слатко на утринската објава на Каракачанов. Со колегите од партијата помислиле и да го тужат бугарскиот министер, но сфатиле дека е само провокација и предизборна пропаганда кога прочитале дека Каракачанов напишал дека “секое совпаѓање на имињата со лица кои се на познати раководни политички и општествени позиции во Македонија, можеби е случајно. Ако не е случајно и тие луѓе се тие за кои мислам дека се, тогаш е надевам дека и ова е во ред“.

“Помисливме на групна тужба, но тој се иззема од напишаното. Баба ми беше  родена во 1912 година и никогаш не ми спомнала дека имам бугарски корени за да барам бугарско државјанство. А, Каракачанов, наместо да лаже, подобро да собере храброст и да се извини за депортацијата на Евреите од Македонија затоа што денес одбележуваме 78 години од грозоморниот чин“, истакна Здравковски.

Според него, случајот е измислен за да се покрие скандалот со набавката со вакцини.

“Набавката на вакцини преку посредници е сомнителна. За нарачката на 200.000 вакцини од Синофарм требало да се платат 12 милиони долари или по 60 долари за една вакцина, ако се одело преку фирми посредници. Како е можно вакцината да чини 30 долари за оние кои директно преговарале со Синофарм? Не може посредникот да заработува двојно. А, избирани се крајно сомнителни компании“.

После бурните реакции на Здравковски, Антонио Милошовски, Александар Пандов, Петар Богојевски и сите кои беа спомнати во списокот, Каракачанов во интервју за бугарскиот портал Трибуна дообјасни дека никаде не спомнал дека имињата биле на македонски политичари.

“Јас никаде не сум кажал или напишал дека имињата што ги објавив се на македонски пратеници или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Не знам зошто се случуваат тие бурни реакции“, изјави министерот.

 

Орце Костов

 

 

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7