ММС

Објавено на: 03/8/21 11:33 AM

Секогаш сум ја имала поддршката од Стево – Отворено со Елизабета Ѓоргиевска за жената, професијата и животот

Не би требало да се користи терминот „прва дама“, затоа што се создава впечаток дека ве издвојуваат од останатите. Не сметам дека сум поразлична  од тоа што сум била претходно, од пред две години, а за две до три години повторно ќе се вратам таму каде што бев.

Ова го вели Елизабета Ѓоргиевска, стоматолог, професор, доктор на науки и сопруга на претседателот Стево Пендаровски. Непосредна, комуникативна и отворена, а што се однесува до нејзината професија, велат, темелна и перфекционистка. Со неа отворено за ММС поразговаравме за жената, за професијата и животот. Но, на овој ден, најпрво за „8 Март“. 

Какво значење за Вас има овој ден?

Според мене, не мислам дека треба само еден ден во годината да се посветува внимание на правата на жените и на нивната положба во општеството. Сметам дека е добро да се одбележува како историски датум важен за унапредување на правата на жените, правото на глас, економската рамноправност, социјална еднаквост. Меѓутоа, сепак, сметам дека борбата за родовата еднаквост и правата на жената треба да се одвива постојано и секој ден. 

Како Вие на времето сте го честитале овој празник на мајка Ви и како сега вам како мајка ви го честитаат? Има ли разлика во генерациите?

Има разлика, денешните генерации сѐ повеќе стануваат свесни за вистинското значење на овој датум. Порано кога ние растевме, беше како тренд да се честита со славење, со одење во кафеани, со подароци. Кај нас дома татко ми секогаш на мајка ми ѝ купуваше по еден цвет. Јас лично, не го прифаќам како ден за празнување, затоа што е потребно секој ден жената да биде почитувана и да и се посветува внимание.  

Покрај обврските во вашата професија, дополнително ја имате и обврската на „прва дама“. Каква е одговорноста да се биде прва дама?

Во контекст на ова што сега го зборуваме ќе кажам, иако досега многу пати тоа сум го потенцирала и навистина мислам дека треба и понатаму да се работи во тој правец, а тоа е – да не се користи терминот  „прва дама“ затоа што создава впечаток дека некоја од нас ја издвојувате од останатите. Не сметам дека сум  поразлична од тоа што сум била претходно, а за две, три години ќе се вратам таму каде што сум била. Порано кога растев немаше ни толку големи социјални разлики, во меѓувреме, за жал, се продлабочија, меѓутоа кога сме растеле сите сме биле помалку или повеќе еднакви. Јас сум растена во таков амбиент и не се чувствувам, односно не гледам зошто би била поразлична од тоа што сум била претходно. Секојдневието ми е помалку или повеќе исто. Одам на работа, работам со пациенти, со студенти, односот со колегите апсолутно не е сменет. Освен што имам дополнителни обврски за кои секогаш можете, ако сакате да најдете време и покрај набиената агенда.

Пандемијата намали дел од обврските, претходно имав поголема динамика. Но, ако се сака, секогаш се наоѓа време. Сметам дека треба да им се посвети внимание на луѓето, затоа што секој сака да биде сослушан. Сум кажала и претходно, јас немам формален механизам на располагање за поддршка, но некогаш на луѓето им е потребно некому само  да му се обратат за своите проблеми, при тоа, да ги сослушаме и посветиме внимание. Некогаш и прегратката и разговорот, размената на идеи, многу помага. На таков начин, ќе ставиме на знаење дека сите сме исти, дека сите сме рамноправни, дека нема разлика.

Дали сметате дека вие како жена доволно сте се избориле за своите права- во брак сте го задржале своето моминско презиме, имате своја успешна кариера и повеќе ве знаат како лекар и професор отколку како сопруга на претседателот?

Сум слушнала и критики зошто сум го задржала своето презиме. Мене не ми треба да го сменам или да го задржам презимето за да докажам дека јас сум рамноправна во бракот. Ние апсолутно секогаш сме имале разбирање и секогаш сме биле еднакви во нашата релација. Моето презиме го задржав од емотивни причини. Не мислам дека само со промената на презимето ќе покажам дека сум рамноправна, има многу други начини. Секогаш сум ја имала поддршката од Стево, без разлика дали било за стручна едукација или развој во кариера. Магистериумот и докторатот ги работев во Британија,многупати сум била на престои во странство, конгреси, предавања, сум отсуствувала од дома, но, секогаш сум ја имала неговата поддршка. Тоа е всушност она што покажува дека сме рамноправни во бракот.

Сум имала и голема поддршка од моите родители, за кои секогаш, прво и најважно било образованието. Толку колку што можеле, последниот денар го давале за ние да бидеме едуцирани, што многу ми значеше во животот. Образованието според мене е клучно. Сите треба да имаат можност за еднаков пристап до образование, за да можат да ги покажат своите максимални можности. Ако имаме еднакви почетни основи, и најголемите таленти потоа ќе може да се реализираат. 

Секојдневно сте во комуникација со различни профили на луѓе, па што мислите, дали жените во Македонија доволно се застапени во опшеството? Или можеби што е она за  што треба жените кај нас да се изборат?

Во одредени сегменти имаме добра родова застапеност. Неодамна го одбележавме Меѓународниот ден на жените и девојчињата во науката и една од пораките беше дека во земјава имаме еден од највисоките проценти на жени научнички во Европа па и пошироко, со над 50 % повеќе жени од мажи. Но, има одредени сегменти каде недоволно е застапена жената и на тоа треба да се работи. На пример, системот на воведување квоти во политиката. Со тоа се унапреди застапеноста на жените, но, не можеме да ги решаваме прашањата само со квоти и проценти. Треба суштински да работиме на промени, за придонесот на жената да биде еднакво видлив и вреднуван како и на мажот.  

По сите обврски кои ги имате, пред сѐ како мајка и сопруга, потоа како професор или активностите што дополнително Ви се налагаат, како успевате да најдете време за себе, за добра книга, филм, па и за посета на салоните за убавина, омиленото место на жените?

Ако се сака, се постигнува. Факт е дека на крајот на денот сме поуморни од обично, со помалку време за читање, филм, музика или одмор. Поради пандемијата имаме намалени физички дружби со пријателите, а тоа важи и за официјалните настани каде што се почитуваат сите протоколи за заштита. Затоа велам дека сега во моментот има доволно време и се постигнува, но, кога ќе заврши пандемијата, динамиката секако ќе се засили. Пред пандемијата имав навистина многу обврски, но задоволство е да може да се одговори на секое барање, покана, да може да се сослуша секој што бара да биде сослушан и да се помогне.

Навечер кога ќе се прибереме имаме време за себе и потоа ако има време нешто да се прочита или погледа некој филм. Во тој период од денот и се подготвувам за наредниот  ден: да се погледнат предавањата, да се подготвам ако средби, интервјуа, настани, затоа што секоја активност бара претходна подготовка.  

Зошто луѓето од вашата фела, стоматологијата се жалат за лошата состојба во професијата?

Покрај пандемијата е навистина многу потешко затоа нашата професија е меѓу најризичните. Пациентите ни се во непосредна близина, без маска и постојано се генерираат аеросоли, поради што е неопходна исклучително обемна заштитна опрема, а тоа чини дополнителни трошоци. Освен тоа, пациентите треба да се редуцираат на поголеми временски интервали и верувам дека кај колегите во приватното здравство има драстично намалување на приходите.

Но, она што мене посебно ме загрижува како професор е што гледам дека моите најдобри студенти си одат од државата. Мислам дека тоа е сериозен проблем. Гледам дека има големи придвижувања кај медицинарите, младите лекари многу повеќе се вработуваат во последно време. Се надевам дека таков исчекор ќе има и кај нас, бидејќи забележуваме дека има јаз меѓу генерациите и ни требаат млади кадри кои ќе работат, а тука не мислам само на клиничката работа, туку и на истражувачката, кои ќе пишуваат трудови, ќе се занимаваат со наука што мислам дека за еден факултет е исклучително важно. Стоматологијата е макотрпна професија, бара многу физички  напор, бара следење на новитетите, бидејќи секојдневно се менуваат технологиите, материјалите, и мораме сето тоа да го следиме и да вложуваме во себеси.

Среќна сум кога гледам дека навистина има колеги ентузијасти што следат и работат во континуитет. Затоа ќе кажам дека најважна е волјата и желбата да се направи нешто. Знам дека почетоците се тешки, примањата се ниски. И ние кога почнувавме и нашите примања беа такви, но со искуството се стекнува и поголем број на пациенти, а потоа и се зголемуваат приходите. Затоа не треба колегите да се предаваат и да се разочаруваат кога ќе дипломираат. Туку да почнат да работат, да стекнуваат знаење, искуство и пациенти и така ќе постигнат одредено ниво. Стоматологијата навистина е макотрпна, но и убава професија. 

Поддржувате различни кампањи, па има ли некоја случка која ве направила тажна и зошто во 21 век сеуште ги решаваме проблемите на лицата со посебни потреби, лица со ретки болести, сиромаштија, насилство.., зошто не би било да се подразбира дека требало веќе да бидат решени?

Пред една недела беше Денот за ретки болести и мислам дека последните години е доста направено за оваа група. Секогаш може да се направи повеќе, но навистина, конкретно за ретките болести, има значително подобрување. Имавме настан на кој присуствуваа експерти од областа и околу 20тина граѓански здруженија, ги сослушавме нивните проблеми, повеќето од нив се јавија и да искажат задоволство, затоа што им се посветува внимание не само од наша страна, туку и од целата држава, пред сѐ во смисла на набавка на лекови. Има листа на лекови кои се набавени за повеќето од болестите, иако туку сѐ уште има простор за напредок. Децата со ретки болести, кои со пандемијата се затворени дома, не можат да одат во училиште и дополнително се оптоварени.

Но, не се само лицата со ретки болести, има и други категории на кои им треба помош, на пример, децата со попреченост. Јас цел живот работам со деца, па дури и возрасни бидејки сме единствената институција од областа на стоматологијата која работи со општа анестезија, па ги третираме и возрасните со попреченост. Јас и колегите и порано сме биле во контакт со тие пациенти и ги знаеме. Пред десетина денови, во состав на кампањата кое Македонско стоматолошко друштво (МСД) заедно со Стоматолошкиот факултет ја прави за Денот на орално здравје имавме средба со деца и млади со попреченост. Редовно се дружиме и освен дружбата им објаснуваме, им помагаме да научат како да одржуваат орална хигиена, како правилно да се хранат, низ дружба и игра да постигнеме позитивен ефект.

Дали луѓето во Македонија доволно се гижат за оралното здравје?

Во одредени средини и групации имаме одлично одржување на оралното здравје, одличен пристап не само во правилното четкање на забите, туку и начинот на исхрана. Но, во одредени средини е исклучително лоша состојбата и тука мора многу да се направи. Постои национална стратегија за превенција на орални заболувања кај децата до 14 годишна возраст и има извесен напредок, меѓутоа, има уште многу, многу да се направи во тој поглед. Бидејќи кариесот, не само кај нас, туку и во светот, е едно од најчестите хронични заболувања и тоа не само кај децата, туку и кај возрасните. Поголема е застапеноста на кариесот, отколку астмата на пример, и затоа мора многу да се работи на подобрување на состојбата. Дури и во најбогатите земји во светот има социјални средини каде е забележано високо ниво на кариес.

Ова, всушност е и еден од моите професионални предизвици – да работам на развој на материјали што едноставно ќе се аплицираат, а ќе бидат поефтини во однос на другите и што ќе може да се користат во средини каде луѓето имаат помали приходи. Во некои средини тоа не се прави не само заради материјалната состојба, туку и поради недоволното ниво на едукација. Таму прво треба да работиме со родителите, а потоа со децата. Затоа што на децата ќе им одржиме предавање, но со цел да имаме ефикасни промени, потребно е родителите да бидат суштински вклучени и да ги мотивираат децата. 

Како е да се биде мајка на матурант?

Огнен сега ќе полни 19 години и веќе се подготвува за матура, само што го заврши матурскиот проект. Исклучително е внимателен во целата оваа ситуација, измината година само неколку пати има излезено со другарите и тоа на отворен простор, на дистанца, со маски. Сепак, забележувам одвреме – навреме дека како и на секој млад човек, не му е сеедно. Со другарите комуницираат преку интернет. Постојано се на компјутер, се дружат, иако не е исто. Тој навистина  е дисциплиниран, солиден ученик е, учи.  Го влечат информатичките технологии, така што најверојатно и ќе студира на некои од тие факултети.

 Дали за одредена проблематика доколку е потребно јавно би поддржале секој став на Пендаровски, како претседател, иако сметате дека не е така или би се спротивставиле?

Разговараме и, се разбира, јас го кажувам мојот став. Иако имам свои размислувања за многу прашања, тие не ги искажувам јавно, со оглед на тоа дека не сум политичарка и немам планови да се занимавам со политика. Имало ситуации кога сум имала поразлично мислење за некои прашања, сум му го соопштувала својот став, но не сметам дека сум компетентна за да треба јавно да изнесувам ставови за политичките состојби. Мојот главен интерес е науката, истражувањето, образованието на кои сум се посветила во мојата кариера.  

И на крај, сепак, очекувате ли изненадување за „8 Март“?

Не очекувам посебни изненадувања денеска. Осми Март е ден да се означи борбата за рамноправност на жените, да се истакне потребата за родова еднаквост и да се покаже почит спрема жената. Во тој дел јас ја имам почитта на двајцата мажи во моето семејство во текот на целата година.

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.