ММС

Објавено на: 03/6/21 8:15 AM

Државава ги гарантира правата на сите граѓани без разлика на етничката припадност, пописот да не се политизира

Северна Македонија е граѓанска држава и нашиот Устав ги гарантира правата на сите граѓани без оглед на нивната етничка припадност. Државата ги штити индивидуалните и колективните права и нема да дозволиме поради изборна агенда или билатерални разлики, некој да ја прикаже државата дека ограничува индивидуални или колективни права. Досега во преговорите со Република Бугарија не е разговарано бугарската етничка заедница да биде вметната во нашиот Устав и нема такво барање од бугарските власти, ниту претседателот на државата Стево Пендаровски очекува воопшто да се случи затоа што усвојувањето и евентуалните амандмани на Уставот се исклучиво наше суверено право и надлежност. Во овој момент, претседателот не гледа никаква потреба за какви било измени на Уставот.

Ова се дел од реакциите, откако шефот на дипломатијата Бујар Османи во четвртокот кажа дека Бугарите во земјава треба да се чувствуваат како слободни граѓани кои може да се организираат како колективна заедница, и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот.

Османи вчера ја појасни оваа своја изјава, посочувајќи дека „нема да да дозволиме некој да прави кампања дека државата прави притисок на кој било граѓанин заради етничката припадност”.

-Последните изјави од страна на Бугарија се повеќе ставаат акцент на некаков факт дека Северна Македонија врши репресија и непочитување на правата на граѓаните од бугарско етничко потекло. Северна Македонија ако за нешто може да се пофали и се гордее во светот е за степенот на почитување на индивидуалните и на колективните права на заедниците, на мултиетничкиот карактер на државата. Тоа е нашата гордост и слика во светот по којашто сме препознаени. И мојата порака беше дека доколку има било какви информации дека било кој граѓанин во Северна Македонија не може да се определи заради тоа што државата прави притисок, нека го каже тоа јавно затоа што ние како држава гарантираме дека тоа не смее да се случи, и нема да се случи, рече вчера Османи.

Повтори дека има подготвеност за разговор со граѓаните и здруженијата кои мислат дека им се ограничени некакви права. -Оттука беше мојот повик како реакција на тоа што се случи во Софија, со претседателот на државата и повикот на специјалните служби, рече Османи, појаснувајќи дека тоа што го кажал е обид да се демантираат ставовите дека државата ограничува индивидуални или колективни права на било која етничка заедница.

-Ако забелешките се, дека поради тоа што бугарската етничка заедница како посебна заедница во државата, поради тоа што не се споменати во Уставот, при прикажување на резултатите од пописот, се ставаат во категорија останати, додека само тие што се споменати во Уставот се презентираат нивните проценти, воопшто немаме никаква резерва да се прикажат резултатите за секоја етничка заедница во државата, рече Османи по средбата верските лидери за активностите за сроведување на Пописот, на која присуствуваше и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

На новинарско прашање дали тоа значи дека треба да бидат вметнати во Уставот, Османи појасни дека може да се најде начин и технички како да се прикажат резултатите за сите етнички заедници во државата и повтори дека тоа прашање не е покренато во билатералните односи со Софија и оти не видел ниту интерес за покренување на такво нешто.

Во одговор на новинарско прашање зошто дозволува Бугарија да се меша во пописот и зошто досега немало реакција од нашето МНР, Османи со став дека нема да дозволи институцијата со која раководи да се вовлече во предизборната кампања во Бугарија и оти во овој период ќе има многу такви креативни идеи чија цел е да го привлечат вниманието на јавноста, но, вели, ние не смееме да ги храниме таквите идеи преку наше вклучување во нив.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, пак, во врска со ова рече дека почнувајќи од првиот попис во земјава по Втората светска војна во 1948 година, па и на сите наредни, секој можел слободно да се изјасни за својата етничка припадност онака како што сака. Додаде дека податоците за бројноста на припадниците на секоја етничка заедница ќе бидат достапни на јавноста и во електронска и во печатена форма и се што ќе постои како податок ќе биде видливо.

Претседателот Стево Пендаровски не гледа потреба од какви било измени на Уставот.

-Такво нешто ниту е побарано од бугарска страна, ниту претседателот очекува воопшто да се случи затоа што усвојувањето и евентуалните амандмани на Уставот се исклучиво наше суверено право и надлежност. Во овој момент, претседателот не гледа никаква потреба за какви било измени на Уставот, изјавија за „Слободен печат” од Кабинетот на претседателот во однос на тоа кој е ставот на шефот на државата за предлогот на министерот за надворешни работи Бујар Османи Бугарите да се стават во Преамбулата на Уставот.

Од Владата со став дека досега во преговорите со Бугарија не е разговарано бугарската етничка заедница да биде вметната во нашиот Устав и нема такво барање од бугарските власти.

Од Владата за „Независен”, истакнаа дека Северна Македонија е граѓанска држава и нашиот Устав ги гарантира правата на сите граѓани без оглед на нивната етничка припадност. Владата нагласува дека етничката разноликост е тоа што ја прави земјава препознатлива во светот и со што треба сите да се гордееме. Владата секогаш ќе презема проактивни активности кои се во функција на јакнење на правата на секој поединец или група.

И Европската комисија излезе со став да не се политизира пописот во Северна Македонија. На прашање на МИА за изјавите на бугарскиот претседател пред пописот во земјава, од ЕК бараат сите страни да се однесуваат конструктивно и да не го политизираат процесот.

Од Европската комисија ја охрабруваат Северна Македонија да го спроведе пописот во согласност со сите европски стандарди и регулативи, вели за МИА портпаролката Ана Писонеро.

-Северна Македонија се охрабрува да спроведе попис во согласност со европските стандарди и регулативите на ЕУ како дел од претпристапните подготовки и Евростат постојано го поддржува Државниот завод за статистика да ги усогласи статистиките со стандардите на ЕУ. Пописот треба да остане статистичка операција, а не политичка, и ги повикуваме сите кои придонесуваат за пописот да го прават тоа на конструктивен начин, изјави Писонеро за МИА. 

Османи во средата, во врска со реакциите за правата на бугарската заедница во Северна Македонија, побара претставниците на бугарските здруженија во земјава да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел, како што рече,  утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа заедница, што според него, би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата. На тоа реагираше директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, кој во изјава за МИА рече дека во сите пописи од ’48 наваму имало код за бугарска етничка припадност.

Во понеделникот бугарскиот претседател Румен Радев свика состанок со шефовите на безбедносните служби, за наводното непочитување на правото на самоопределување на Бугарите во земјава, на што остро реагираа македонските власти дека тоа е мешање во внатрешните работи на друга држава. Претседателот Стево Пендаровски рече дека реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава и оти досега до него не стигнала ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонските граѓани, само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека е недозволиво мешање на една земја во внатрешните работи на друга земја и децидно негираше дека државјани на Северна Македонија биле изложени на напади само затоа што се идентификуваат како Бугари и оти граѓаните во земјава се еднакви во правата.

Во меѓувреме, известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, за МИА изјави дека е задоволен од широката поддршка за неговиот извештај за земјата во Европскиот парламент, и смета дека се постигнати важни компромиси меѓу сите страни.

Редовниот парламентарен извештај за напредокот на Северна Македонија беше изгласан со 61 гласа „за”, четири „против” и два воздржани. За европратеникот од Бугарија и автор на документот ова претставува важен успех, вели тој за МИА. Извештајот на 25 март ќе биде поднесен за гласање на пленарната седница на ЕП, каде и таму се очекува широка поддршка.

Документот ги истакнува областите каде што е постигнат напредок во Северна Македонија, но и областите каде што се потребни дополнителни напори. А, во однос на добрососедските односи и односите со Бугарија се нагласува нивната важност за целокупниот процес.

-Добрососедските односи се важен дел од преговарачкиот процес, без нив нема напредок во процесот ако Бугарија и Северна Македонија не најдат разбирање, но тие не треба да бидат дел од преговарачката рамка, вели Ќучук за неговиот извештај.

Според него сега е важно Скопје и Софија да ја вратат доверба од 2017 која „по пат се изгуби”, историските прашања да ги разгледаат историчарите и да се стави акцентот на поврзаноста помеѓу двете страни од секој аспект: инфраструктурен, човечки, образовен, итн.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.