ММС

Објавено на: 03/5/21 11:08 AM

Пречекот на исландските фудбалери во Рејкавик од 2016, претставен како наводно „збогување“ на Исланд со коронавирусот

Видео објавено на социјалната мрежа Фејсбук на трети март годинава, на кое слават стотина илијади луѓе, е претставено како општонароден собир на граѓаните на Исланд, кои слават за како што се вели во описот на самото видео, испраќањето на коронавирусот во заборав.

Овој материјал го споделува македонски корисник на социјалната мрежа  кој во описот на видеото наведува дека Исланд е првата земја која е комплетно односно стопроцентно отворена за туризам без рестрикции.

Милиони на едно место“ – се додава во објавата која се однесува на Исланд, земја која меѓу другото, нема ниту еден милион жители.

Видеото при тоа има над 700 „допаѓања“ и над сто коментари, а во најголем дел од нив луѓето го поздравуваат наводното случување за кое деталите се објаснети во описот. Оваа објава ја споделиле илјада корисници на наведената социјална мрежа.

Всушност, прикажаната снимка воопшто не  е поврзана со актуелната пандемија со ковид-19. Се работи за пречек на исландските фудбалери во Рејкавик во јули 2016 по нивното враќање од Европското првенство во Франција. Тогаш граѓаните излегоа на улиците во Рејкавик прославувајќи го пласирањето на нивната репрезентација меѓу осумте најдобри тимови на ниво на Европа.

Тој јулски ден, спортистите се возеа во отворен автобус во исландската престолнина, по што беше организирана и голема прослава на брдото Арнархол.

Имено, во спорната спомената објава од Фејсбук, не само што е лага дека видеото е од скорашен собир во Исланд, туку лага е дека оваа земја нема рестриктивни мерки во однос на туризмот.

Според последните пишувања на тамошните медиуми, Исланд ги укинува ограничувањата само за патниците од ЕУ и Шенген зоната, кои имаат доказ дека се вакцинирани со некои од вакцините одобрени од ЕМА или од СЗО. Доказите што ќе треба да се прикажат во вид на сертификати, ќе може да бидат во хартиена или во електронска форма, а граничната контрола ќе прави евалуација на сертификатот во однос на неговата валидност во консултација со работници од здравствемиот сектор по потреба. Доколку документот не е валиден, патникот ќе влезе во земјата со ограничувања, односно ќе треба да се тестира и да оди во карантин, исто како и сите останати патници што ќе се обидат да влезат без доказ за вакцинација. Освен тоа, документот ќе треба да биде напишан на исландски јазик, или пак на дански, норвешки, шведски, француски или англиски. Сите сертификати напишани на каков било друг јазик ќе бидат прифатени доколку се заверени со печат на кој било од наведените јазици.

Сите патници, вклучително и вакцинираните со прифатливите вакцини (одобрени од ЕМА или од СЗО) ќе треба да се регистрираат на covid.is пред да пристигнат во земјата.

Во прилог на тоа дека е лажно она што се тврди во описот од собирот на граѓани во Рејкавик се и информациите од исландските медиуми дека се уште е на сила ограничувањето на собири од 50 лица, но и носењето маска во продавница или во јавниот превоз. Ограничувањата од почетокот на годината се ослабавуваа на три пати – на 13, јануари, на 8 февруари и на 24 февруари, но има и такви кои се уште важат и ќе бидат на сила најмалку до 17 март.

Дека короната не е испратена во заборав, укажуваат и медиумските објави според кои во Исланд веќе е регистриран и јужноафриканскиот сој на вирусот,  а 90 лица досега се позитивни на британската мутација.  Со цел поефикасно справување со вирусот, во Исланд продолжува вакцинацијата која почна на 29 декември лани. Следниот месец таму треба да пристигнат 34 илјади дози од вакцината на Фајзер.

Лажните информации изнесени во објавата на Фејсбук која има над 950 споделувања беа препознаени од дел од корисниците, кои објавија линкови од видеото од 2016 година. Ваквите укажувања за други корисници сепак, беа занемарени па ја поздравуваат како што велат „храброста на луѓето кои ја слават својата победа“.

Иако точните и објективни информации учествуваат во градењето политичка култура, тие не секогаш им се достапни на луѓето кои лесно подлегнуваат на обидите за манипулација на интернет просторот. Медиумската писменост и понатаму се наметнува како предизик од кој јавноста треба да научи дека вистината не секогаш е таква каква што би сакале да биде, особено во ваков период на здравствена криза која повлекува и социоекономски аспекти.

 

 

Фото:  PrtSC / RT


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.