ММС

Објавено на: 03/4/21 3:21 PM

Подгответе се, Македонија во Букурешт ќе игра пред публика

Владата на Романија и тамошната фудбалска федерација одлучија дека натпреварите од Европското фудбалско првенство ќе се играат во присуство на публика на националниот стадион во Букурешт, односно ќе биде дозволено 25% од вкупниот капацитет. Тоа значи дека ќе можат да присуствуваат околу 12.000 навивачи.

Македонската фудбалска репрезентација токму на овој стадион ќе дебитира на Европските првенства, а првиот меч е закажан за 13 јуни против Австрија. Во Букурешт Македонија ќе одигра уште еден натпревар и тоа против Украина на 17 јуни, додека со Холандија ќе играме во Амстердам.

„Властите го прифатија предлогот на локалниот организациски комитет да се дозволи присуство на публика на трибините за мечевите од Еуро 2020 со тоа што може да се исполни само 25 отсто од вкупниот капацитет на Национална арена“, соопшти Романската фудбалска федерација.

Стадионот ќе биде домаќин на четири натпревари од 13 до 28 јуни: Австрија-Македонија (13 јуни), Украина-Македонија (17 јуни), Украина-Австрија (21 јуни) и меч од осминафиналето закажан на 28 јуни.

“Здравствените власти мора да ги преземат сите мерки за да се осигура целосна безбедност на речиси 12.000 гледачи кои ќе присуствуваат на овие натпревари“.

И покрај тоа што имаше гласини дека УЕФА сака да го префрли ЕП 2020 во Велика Британија, романската федерација откри дека УЕФА ја потврдила идејата првенството кое лани се одложи поради пандемијата, да се одржи во 12 градови-домаќини, вклучувајќи го и Букурешт.

Се уште не е познато какви ќе бидат протоколите дотогаш и дали и на кој начин македонските граѓани ќе можат да патуваат во земјите каде што Македонија ќе ги игра своите натпревари од ЕП.

извор: sportsfinding.com

фото: Википедија

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.