ММС

Објавено на: 03/4/21 1:40 PM

Пејачката со визир, музиката зад плексиглас- Естрадата контра протоколот на угостителите, свадбите не се само ора и чочеци

Естрадните уметници се лути на предлог протоколите на угостителите бидејќи се минимизира нивната работа. Тие се разочарани од фактот дека угостителите и естрадата кога станува збор за свадбите функционираат заедно, а сега газдите на рестораните за свадби се однесуваат како работата на естрада да не е важна, односно како да не постојат.

Од Здружението на естрадни уметници велат дека со право се револтирани бидејќи секое правење на свадба не значи ора и чочеци.

“Газдите не се тие што ја ангажираат музиката. Од друга страна не се експерти за музика за да знаат дека секоја музика не е за ора и чочеци. Како прават свадба на Запад? Без чочеци и ора, а сепак има музика на свадбата. На крајот на краиштата кого залажуваат дека нема да има музика. Дали е во живо или на јутјуб, музика си е музика. Не се веселат луѓе само на жива музика, вели Горјан Стојановски, претседател на Здружението на естрадни уметници.

Според новиот протокол кој го предложија претставниците на рестораните за веселби се бара на свадбите да не се игра оро, а единствениот танц на почетокот на прославата ќе биде резервиран само за младоженците. Музика во живо нема да има, бројот на гости ќе биде ограничен, средствата за дезинфекција ќе бидат задолжителни на сите маси, персоналот ќе мора да носи маска, а работното време е предложено да биде до 21 часот.

„Музичарите ги поддржаа угостителите и не во ред сега што го прават ова кога секако на свадбата ќе има музика. Па тогаш зошто ги делат од протокол оние што ги поддржаа. Музиката може да биде на растојание од пет метри, да има плексиглас. Има разни опции. Или пејачите да пеат со визири. Тоа е конкретно за музиката за свадби. А за другите ресторани, клубови, барови, кога веќе се полни, навистина не гледам никаков проблем да има акустична музика по рестораните. Барем колегите да заработуваат чесно, да не чекаат милостина од државата. Пратено е писмо за средба со комијата за заразни болести, за да ова им го објасниме и на нив и се надевам дека ке наидеме на разбирање, додава Горјан Стојановски.

Музичарите и угостителите се меѓу најпогодените од пандемијата затоа што пред здравствената криза правеа свадби и со 500 гости. Угостителите неколку пати протестираа со барања до Владата да им се изготви посебен протокол според кој ќе можат да работат. По објавувањето на предлог протоколот тие се решение да продолжат да протестираат доколку тој биде одбиен.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи и директорот на ДПИ, Стојко Пауновски им одговорија дека здравјето е најважно и дека ќе им се помогне на угостителите и во петтиот сет економски мерки, а за протоколите не одлучува Владата, туку Комисијата за заразни болести.

Според податоците од Независната угостителска комора во Македонија се регистрирани речиси 6.500 угостителски објекти. Од нив околу 200 работат како ресторани за свадбени веселби.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.