ММС

Објавено на: 03/4/21 11:08 AM

(ВИДЕО) Дембеле на фантастичен начин против Севиља покажа зошто е „стомилионски“

„Мини-ремунтада“ пред празниот „Ноу Камп“ на Барселона во полуфиналето од Копа дел Реј. Освојувачот на Европа Лига едноставно му го предаде финалето во шпанскиот куп на опонентот од Каталонија, пропуштајќи ја одличната предност од два гола од првиот дуел на „Рамон Санчез Писхуан“.

За Севиља вчеравечер апсолутно ништо не одеше од рака. Екипата на Куман од самиот почеток тргна офанзивно и по неколкуте промашени шанси на поранешниот фудбалер на Рен и Борусија Дортмунд, во 12-тата минута стигна и посакуваното водство. И тоа токму од него, Осман Дембеле.

Французинот кого Барселона го детектираше како замена за Нејмар и го плати приближно 140 милиони евра, го покажа врвниот талент и даде до знаење дека доколку е ослободен од повреди и максимално фокусиран само на фудбал, би оправдал барем половина од сумата платена за неговите услуги.

На мал простор, префрлајќи ја топката од една во друга нога, Дембеле покрај неколку фудбалери на Севиља испрати „торпедо“ со десна нога и од дваесеттина метри го совлада голманот Вацлик.

Во вториот дел Барселона продолжи со ист интезитет и се задржа на напаѓачката тенденција до 73-тата минута кога стартот на Оскар Мингуеза беше окарактеризиран како удар од 11 метри. За жал, еден од најдобрите фудбалери на екипата од Андалузија минатата сезона, Лукас Окампос, кој влезе десет минути претходно на местото на Оливер Торес, го промаши пеналот и ги подгреа надежите на домаќините за своевидно чудо.

Чудо се случи. Непишаното фудбалско правило по којзнае кој пат се оствари во пракса и тоа на најболниот можен начин. Четвртата минута од судиското продолжение на мечот беше кобна за Вацлик. Центаршутот на Гризман одлично го проследи Пике во голот на противникот. Севиља остана „покуса“ и за Фернандо кој во 92-та минута заработи втор жолт картон. Со играч помалку, промашен пенал и мотивирана Барселона, екипата на Лопатеги едноставно немаше шанси.

Додавањето на Алба во 95-тата минута, Брејтвајт го претвори во погодок вреден финале против Леванте или Атлетик Билбао и прилика за 31-ва титула во „Купот на кралот“.

 

 

 

 

Фото:

еurosport.fr

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.