Премиерот Зоран Заев побара од пратениците во Собранието да гласаат за доверба на Владата на седницата која се одвива во моментов во пратеничкиот дом во Скопје.
Заев се повика на член 217 од Деловникот кој му дава право усно да побара гласање доверба на Владата на седницата на Собранието кое гласа за доверба на Владата на истата седница без јавна расправа.
“Многу ми е жал што не се повикавте на член 214 од Деловникот и да ни дадете можност во тридневна расправа да образложиме зошто не заслужувате доверба. Доблесно е да се повикате на тој член“, истакна Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието.
Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.
Во моментов пратениците се на пауза откако Претседателот на Собранието, Талат Џафери даде пауза од еден час.