ММС

Објавено на: 03/3/21 7:22 PM

Браќа Македонци, ајде да запееме некоја убава македонска песна – Зошто нашите туристи одат на одмор на Златибор

„Браќа Македонци добродојдовте на  Златибор, радосни сме што ве гледаме, ајде да запееме некоја убава македонска песна“. Со овие зборови ќе ве пречека речиси секој од мештаните во српскиот туристички центар Златибор и околните села кои се вистинска атракција за гостите кои доаѓаат во балканската мини верзија на Алпите.

Во време на пандемија и рестриктивни мерки со секојдневно носење маски, кога на Македонците им треба свеж планински воздух, бујна шума, одлични ски терени, изворска лековита вода и храна за вистински гурмани го избираат Златибор.

ММС тргна во обиколка на Златибор, за да се увериме зошто оваа зимска туристичка дестинација е толку популарна за Македонците, кои не помалку ја посетуваат и во другите периоди од годината.

Македонските зимски центри се многу поблиску, но нашите се одлучни и покрај пандемијата и 440 километри од македонско-српската граница по автопатот за Белград да возат до Златибор. Природата не штедела па ги наградила живописните предели околу Крагуевац, Чачак и Ужице, а среќен пат ќе ви посака туристичката атракција,  стариот автобус на Крстиќ и синот кој сите го паметат од легендарниот филм “Ко то тамо пева“ од 1980 година.

Првиот избор по пристигнувањето во Златибор на нашите туристи им е центарот на градот кој со малите дрвени куќички и Рибничко езеро во средина ги потсетува на некоја топла зимска сказна.

Љубителите на зимските спортови ужуваат во терените на ски-центарот Торник кој е оддалечен десетина километри од градот, а до таму  се стасува и со новата Златна гондола која почна да работи од неодамна и која нуди 11 километри долга зимска глетка.

За разлика од нашите зимски центри, на Златибор на оние кои повеќе сакаат излет во природа им треба еден ден за разгледување на најдобрите туристички атракции. Може да се почне од селото Доброселица кое го добило името по една народна легенда. Во ова село кое се викало Злоселица дошол царот Душан на враќање од Дубровник. Тој бил воодушевен од пречекот во селото и наредил да се вика Доброселица. Во селото се снимани неколку култни филмови меѓу кои и “Црни Бомбардер“.

Од селото Љубиш, пак,  туристите се воодушевени од фантастичните пејсажи со црн бор,  водопадите во село Гостиље, едни од најголемите во Србија, а потоа патот  ги носи во селото Сиригојно, во кое се наоѓа “Старо Село“, музеј на отворено каде што може да се запознаете со стариот начин на живот во едно ридско село во изминатите векови.

Сиригојно, селото со најубави пасишта, е едно од најпосетените места во оваа област затоа што може да се пробаат традиционални специјалитети и да си купите рачно плетен џемпер од мештанките кои плетат и додека сте на прошетка во музејот на отворено.

Туристичка атракција е и посетата на Стопиќа пештера во близина на селото Рожанство. Низ неа тече Трнавски поток кој низ децениите направил прекрасни природни базени и вирови. Влезот на пештерата е импресивен со отвор широк 35 метри и висок 18 метри, а впечатоците кои таа ги остава не може да се опишат со зборови.

Водичот низ пештерата ни откри дека најдобро време од годината за посета е месец август. Токму на лето имало и најмногу македонски туристи за кои тој има само пофални зборови.

“Македонци, едвај чекам лето за да дојдете. Кога има повеќе македонски туристи, седнуваме тука пред пештерата и пееме стари македонски песни, откако ќе се напиеме по некоја ракија од сливи или од дуњи. Ме радува тоа што на овој чуден Балкан досега  само ние меѓу себе не сме си ги извадиле очите и се чувствуваме толку блиски“, изјави спелеологот пред Стопиќа.

Македонците, кои овде остануваат повеќе од еден викенд го посетуваат и етноселото Дрвенград на режисерот Емир Кустурица кое се наоѓа на Мокра Гора, 40 километри северозападно од Златибор.

Одморот во Златибор за крај  скоро сите туристи традиционално го одбележуваат со купување на златиборски кајмак, колбаси, пршута, планински мед и сливова ракија.

Македонците кои ќе решат да поминат викенд на Златибор, тогаш треба во џеб да стават околу 250 евра. Во ова се вклучени две ноќевања во приватен апартман, гориво, доколку одат со сопствен автомобил, патарини, и секако храна. Колку ќе потрошат за храна, сепак, зависи од лично од нив и нивниот избор на ресторани, кои ги има на секој ќош.  Возењето со златната гондола, до врвот Торник чини 20 евра за цело семејство.

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.