ММС

Објавено на: 03/2/21 5:45 PM

Николовски и Заев го презентираа Планот на Владата за борба против корупцијата

Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска на прес-конференција ги презентираше мерките и активностите од Планот за борба против корупција, кој е усвоен на денешната владина седница.

– Во рок од 30 дена од денеска, Министерството за правда заедно со Јавното обвинителство се задолжени да направат анализа на потребните кадри, опрема, техника, простории за истражните центри, со цел да се зајакнат капацитетите на центрите, а со тоа и капацитетите на сите јавни обвинителства. Дигитализацијата и екипираноста на истражните центри ќе го забрза процесот на решавање на сите предмети. Мора да има брзо процесирање и решавање на предметите. Предметите не смеат да стојат во фиоки, посочи Николовски.

Со целосно дигитализирање на трите книги што ги води управата за водење матични книги, граѓаните ќе можат електронски, не само да аплицираат, туку на истиот начин и да ги добијат изводите и документите.

– Во полна функција се става и Централниот регистар на население каде на едно место веќе ги има сите податоци за граѓаните кои се содржани во личните карти, пасошите… Затоа денеска Управата е задолжена за интегрирање на сите овие податоци и регистри. На овој начин ќе се укине процедурата за вадење различни документи и изводи за која било постапка што му е потребна на граѓанинот. Институциите ќе имаат каде да проверат и да ги добијат информациите што им требаат и тоа веднаш, наместо граѓаните и фирмите секогаш од ново да вадат нов документ, појасни Николовски, додавајќи дека конкретно ќе се бара само извод од централниот регистар на население, наместо сегашните копии од лична карта, пасош, државјанство или изводи од Матичната книга на родени.

На денешната валдина седница сите седум антикорупциски надлежни институции добиле обврска задолжително да се поврзат на националната платформа за интероперабилност, за ефективно да ја применуваат оваа платформа при прибирањето на податоци за одреден случај или предмет.

Со подготовка на електронскиот софтвер за поврзување на сите 28 инспекциски служби, според Николовски, ќе се намали субјективното и селективно влијание на инспекторатот за време на инспекција. Човечкиот фактор, вели тој, ќе се сведе на минимум. Преку создавање централна база на издавање лиценци и дозволи, додаде вицепремиерот, точно ќе се знаат условите која фирма каква лиценца, одобрение или дозвола има.

– Го формираме и регистарот за добавување на државна помош на централно ниво. Се зајакнуваат контролните механизми околу јавните набавки. Сите јавни институции треба да подготват интерни процедури за спроведување на јавните набавки врз основа на соодветни модули и спецификации за јавни набавки на бирото за јавни набавки, рече Николовски.

Во рок од три месеци МВР до Владата треба да достави стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот од 2021 до 2023. Паралелно ќе се формира и национална комисија која ќе го мониторира спроведувањето на оваа стратегија.

Во подготовка, како што рече Николовски, е имплементацијата на препораките од домашните и странски невладини организации во насока на измена и промена на прописите за административните службеници и вработените во јавниот скетор. Се подготвува и анализа на содржината и на спроведувањето на етичкиот кодекс на административните службеници. Бројот на членовите на управни одбори, додаде тој, нема да може да биде поголем од пет члена, а при изборот на членовите на УО квалификациите на кандидатот мора да коресподнираат со дејноста на истатата институиција.

Првпат се воведува и единствен регистар на службени возила со кој, како што посочи Николовски, строго ќе се регулира начинот на користењето на службените воизла, ќе се знае кој, кога и на каков начин го користи службеното возило.

– Од овој месец почнува со работа системот за следење на предмети и претставки преку отворање на нов повикувачки центар. Првпат на едно место граѓаните и фирмите ќе можат да пријават случај на корупција. Граѓаните и фирмите треба да ја препознаат корупцијата и не треба да се плашат да ја пријават, затоа што никој не е  и не смее да биде над законот, повика Николовски.

Поради утврдените недостатоци и недоречености во посточекиот закон, тој посочи дека се пристапува и кон измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Ќе се допрецизира судирот на интереси во делот кој се однесува на вршење на две или повеќе јавни функции, наведување на сите лица кои треба да достават анкетен лист до Државната комисија, како и проширување на надлежностите на истата во делот на носење и спроведување на планот за интегритет.

– Ја подигнуваме свеста кај сите органи на државната управа, јавните претпријатија и јавните установи да подготват антикорупциска годишна програма со прецизни активности кои опфаќаат анализа на различни области на корупцијата, недостатоци во законите, евентуални причини и фактори на корупција, како и мерки за јакнење на алатките за транспаретност и отчетност, нагласи Николовски.

Ова, според него, ќе резултира со воспоставување на ефикасен систем на мерки кои ќе овозможат превенција и борба против корупцијата во различни сектори.

Секоја инститиуција основана од Владата во рок од 30 дена ќе треба да изготви антикорупциска годишна програма.

Истрагата за обидот за бегство на Сашо Мијалков мора да се спроведе до крај, за да видиме дали некаде системот затаил, дали имаме одредени слабости, дали се тоа институциите под извршната власт МВР, АНБ и други институции или во правосудството – обвинителството, судот или слично за да можеме повторно да извлечеме поуки и да видиме каде се слабостите со цел нивно отстранување, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со вицепремиерот Љупчо Николовски, на која беше претставен планот за борба против корупцијата.

Во однос на обидот за бегство за Сашо Мијалков, Заев рече овој случај ги охрабрил граѓаните дека е можна правда, и потсети дека државата поминала 11 години во режим и сомневање за украдени стотици, ако не и милијарди евра.

– Правото на жалба останува на секој и во второстепени инстанци, па дури и пред меѓународни институции, но ја испративме пораката дека има правда. Ако има правда, има и мир и тука нема никакви дилеми, рече Заев.

Прашан кога планира да се направи демонтажа на претходната власт, Заев рече дека право на впечаток имаме сите, но дека е факт тоа што имаме завршени со правосилни пресуди голем број случаи поврзани со претходниот режим и дека тоа ја испраќа пораката за правда и правичност и дека законот важи за сите.

– Дел од овие судски предмети завршуваат и овие денови, како што беше минатиот петок – изрекување на казна за најзначајниот според мене случај произлезен од процесот на Шарената револуција заради прислушкувањето на повеќе од 20 илјади граѓани, преку кој што видовме огромен број на незаконски и коруптивни дејствија во нашата држава. На крај е вториот по значење случај, според мене, а тоа е „Титаник”. Изборите се врв на демократијата и пораката и тука ќе се испрати согласно доказите, сум убеден, да не му текне на никој повеќе да ги крши изборните процеси, како што нема да му текне на никој повеќе да стави слушалки да снима граѓани, неовластено и незаконски, како што тоа го правеле во минатото, изјави Заев.

Во изминатиот период, рече Заев, имаме сериозни успеси на ова поле и зголемена е на немерливо повисоко ниво транспарентноста, отчетноста, одговорноста и респонзивноста на институциите.

– Денеска граѓаните знаат секој министер колку кафиња и колку води нарачал. Отворено е комплетно се. Денеска секој граѓанин на еден клик од својот компјутер може да следи 100, 200, 300 денари, милиони … како се трошат во државата. Услов за потпишување на договори и влегување во реализација по пат на јавни набавки е договорот да биде јавно и транспаретнот објавен, каде што се гледа кој е изведувачот, под кои цени и кои услови. Многу работи се променети во државата, изјави Заев.

Премиерот посочи дека имаме јакнење на безбедносните службите кои што се под извршната власт и сите институции кои се бават со спречување на организиран криминал и се борат против корупцијата, но дека ќе го јакнат и правосудството.

-Веќе 60 наши граѓани се во тек на учење во Академијата за судии и обвинители, а безмалку сто се следните кои почнуваат, сега во тек се конкурсите и постапките за избор и нивна селекција. Значи, го јакнеме тој капацитет, но истовремено ќе ги зајакнеме технички, материјално финансиски и ќе ги зајакнеме истражните центри, изјави Заев.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.