ММС

Објавено на: 03/2/21 3:39 PM

Давидовски и Касапски: Спремни сме да ја покажеме нашата уникатност

Дека земјава ни е вистинска ризница на таленти – знаеме, но едно музичко освежување како дуото Давидовски и Касапски е совршен потсетник на тој факт.

Ова дуо воопшто не е случаен спој, напротив, Никола Давидовски и Панче Касапски се момци кои заедно ги поминале најважните моменти кои ги изградиле во музичките таленти кои се денес, го споделиле искуството од целото музичко образование, од основно, преку средно па сѐ до факултет.

По скоро 17 години поминати заедно, Давидовски и Касапски конечно одлучуваат со сплотени сили да покажат и докажат колку знаење акумулирале во годините на музичко образование, при кое Давидовски се насмерил кон соло пеење, а Касапски кон пиано.

Во разговор за ММС Давидовски и Касапски подетално зборуваа за нивната прва соработка.

„Соработката се случува токму сега поради тоа што сега се чувствуваме спремни да ја покажеме нашата уникатност и музиката која излегува од нас“, вели Давидовски на прашањето зошто ги слушаме заедно токму сега по толку многу заедничко време поминато во приватниот живот.

„Токму фактот дека цел живот сме во музиката а немаме реализирано никаков заеднички проект ми беше дополнителен мотив за да дојдам до идејата на која моментално работиме“, додаде тој.

Нивната прва официјална соработка е преработката на песната „Illuminated“ во оригинална изведба на дуото „Hurts“. Уште на прво слушање карактеристичниот звук на Касапски и моќниот глас на Давидовски Ви го крадат вниманието и Ве оставаат занемено да ја слушате до крај оваа неочекувана, но совршена преработка која вади од кожа.

Еве како изгледа и звучи тоа.

Касапски веќе ѝ е познат на македонската јавност по своите досегашни проекти, но за Давидовски ова е прв официјален проект за кој вели е нов почеток за него и е само најава на замислата за неговата иднина во музиката.

По одличниот прием од публиката, ова силно штипско дуо веќе најавува нови проекти: „Уште сега активно работиме на втората заедничка преработка за која е во план заедно со видео запис да биде објавена за публиката кон крајот на април“, вели Давидовски.

Сепак од овие момци не треба да очекуваме само преработки, најавуваат и авторски композиции за кои ветуваат дека ќе бидат совршен спој на поп и оперско пеење и ќе бидат вистинско освежување за публиката.

За крај Давидовски и Касапски велат немаат никакви очекувања од ова на што моментално работат, едноставно го прават она што најдобро го знаат и веруваат дека луѓето ќе ја препознаат квалитетната музика.

Ние би рекле ова се локалните момци со светски звук кои дефинитивно не би сакале да ги пропуштите.

Христина Спирова

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.