ММС

Објавено на: 03/2/21 12:48 PM

Поголема ажурност од пратениците бара бизнис секторот: До Собранието испратени економски закони, за кои воопшто не се расправа

Парламентарните партии на денешната собраниска седница која се одржува по подолго време, да ги изгласаат економските закони. Ваков апел упати претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески на денешната работна средба со вицепремиерот, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„Секое кочење на законите значи сериозен удар за стопанството и компаниите. Опозицијата и другите партии да имаат предвид дека за бисниот е важен секој денар и секој ден, особено во ваква ситуација, како што е актуелната со ковид-19“, додаде Азески.

Вицепремиерот, Битиќи вели дека токму во тоа што досега се испратени повеќе закони во Собрание, а пратениците не расправале за нив, се гледа цената на демократијата.

„Законското решение за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година пред петнаесетина дена го испративме во Собрание. За жал, одредени законски решенија кои и претходно беа испратени, не беа ставени ни на комисија ни на пленарна седница. Извршната власт може до одреден сегмент да направи притисок, но Собранието е независно. Пратениците одлучуваат кога ќе има кворум за да Собранието го прави тоа што би требало да го прави. Кога го креиравме решението за финансиска поддршка за исплата на плати направивме можност компаниите да аплицираат од март. Дури и денес ако влезе во собраниска процедура законот и се изгласа, компаниите ќе може навреме да ги поднесат своите апликации“, изјави Битиќи.

Тој не ја исклучува можноста товарот да падне врз грбот на компаниите и тие да треба да ги исплатат платите, па потоа државата да им врати средства. Сепак, тврди дека не постои друг механизам за да им се помогне, освен предложеното законско решение.

„Ако тоа не се случи ќе жалам, но мислам дека доблеста кај пратениците ќе биде поголема од нивните дневно-политички агенди. Ние сме извршна власт и тоа е цената на демократијата. Собранието треба да ги донесе законите за да можеме ние да спроведеме“, додаде вицепремиерот.

Од градежната индустрија пак, на денешната средба побараа од државата да размисли како ќе ги заштити компаниите, особено оние од градежништвото. Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора, Андреа Серафимовски ги поздрави измените на Законот за јавни набавки, но смета дека на повидок е еден посериозен проблем.

„Сега имаме потежок дел, а тоа е како да креираме аналитики за избор на најдобриот економски оператор. Како држава секогаш имаме проблеми во однос на ова. Овде гледам позиција во која сите треба да се потрудиме законот да профункционира во правото светло. Имаме посериозен проблем од она што се наговестува. Треба да имаме добар систем кој нема да дисперзира кон законот. Најтешката задача е онаа која ни претстои – како да креираме услови за да одбереме најдобар економски оператор. Ќе имаме огромен неуспех ако не се приклучиме побрзо кон креирање на тие услови. Министерствата и Владата многу повеќе треба да ги користат капацитетите на Стопанската комора. Јавните набавки не се спроведуваат на задоволително ниво. Како Влада треба да имате предвид дека ако ова не се случи ќе ни пропадне ефектот од Законот“, додаде Серафимовски.

Коментирајќи ја состојбата со економијата изминатата година, од Стопанската комора истакнаа дека поминале подобро одошто се надевале.

„Не дека немаше грешки. Направивме пропусти бидејќи ова е ново искуство, но сите пропусти ги исправивме. Онаа хибернација што требаше да се направи за преживување, ја направивме“, порачаа од Стопанската комора на денешната средба.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.