ММС

Објавено на: 03/2/21 12:14 PM

Користењето на VPN алатка за самопопишување е казниво со закон, велат од ДЗС

Не може да се забрани користење на податоци преку VPN, односно прикриена адреса за самопопишување, но користењето на оваа алатка се смета спротивно на Законот за попис и не значи дека податоците автоматски влегуваат во резултатите од Пописот, рекоа од Државниот Завод за статистика во врска со објавите на некои граѓани на социјалните мрежи.

Вчера социјалните мрежи зовреа по објавата во групата на Сојузен Комитет на програмери на Република Македонија дека некој со бесплатен VPN се самопопишал и дека самопопишувањето не биле само за дијаспората туку и за секој граѓанин кој во овој период нема да биде во Македонија.

ДЗС соопшти дека апликацијата не може да се пробие со прикриени алатки затоа што при споредувањето на податоци граѓаните кои внесувале податоци преку VPN (виртуелна приватна мрежа).

“Апликацијата ќе ги разоткрие сите што се обидуваат да влезат преку VPN мислејќи дека на тој начин ќе влезат во резидентно население. Граѓаните можат да влезат и да се самопопишат, не можеме да им забраниме да користат VPN, но не значи дека автоматски ќе влезат во резидентно или нерезидентно население“, истакна Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика која е задолжена за односи со јавноста.

Попишаното население на крај ќе биде споредено со претпописните бази на државните институции како што се Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација кое има Регистар на население, Фондовите за здравствено осигурување и за пензиско и инвалидско осигурување, Управа за јавни приходи.

Ова значи дека ако некој кој живее тука и не престојувал воопшто во странство, а сака преку VPN да се самопопише како нерезидент, нема да биде автоматски регистриран  како таков, затоа што при споредување со базата на МВР ќе стои дека не ја напуштил земјата, односно дека е дел од резидентното население.

“Во врска со внесувањето на податоци преку VPN, односно прикриена IP адреса, самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.  Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон.

До апликацијата може да се пристапи само со IP адреса од странство. Пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за Попис, односно: Согласно член 49 од Законот за Попис на населението, „Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“, стои во соопштението на ДЗС.

Со пријавувањето на Апликацијата корисникот се регистрира и остава свој матичен број, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација  и телефонски број на корисникот. Пред да се запишат податоците за регистрација во Апликацијата, корисникот  селектира дека е согласен со Уловите за користење, каде што е наведено следното:

„Се согласувам моите лични податоци кои се прибираат  преку оваа апликација согласно со член 8 од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.19/2021година) да  бидат обработени од страна на Државниот завод за статистика како контролор на податоците, и дека како агрегирани (збирни податоци ) ќе се користат исклучиво за: креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели (член 2 став 1 од Законот за Попис). Воедно, прибраните податоци ќе бидат заштитени од страна на Државниот завод за статистика  преку примена на технички и организациски мерки  согласно законските прописи.“

Од Државниот завод објаснија дека полето за број и стан не е задолжително, освен полето улица, бидејќи во некои населени места – села не постои улица, број и стан.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.