ММС

Објавено на: 03/3/21 7:34 PM

Не сакав да бидам „вечна манекенка“ – Каде е и што прави Ивана Стојановска, поранешната Мис на Македонија

На јавноста и е позната како Мис на Македонија кога ја однесе победата во 2004 година и не претставуваше на „Мис Универзум“ во Чиле. Стружанката Ивана Стојановска некогаш гордо чекореше по модните писти и ги красеше модните списанија со својата убавина, а денес има сосема различна професија. Како што рече за ММС не сакала од себе да направи „вечна манекенка“, па модните писти ги замени со библиотеки и читални. Денес работи како стручен соработник во основно училиште, таа е посветена сопруга и мајка, а се занимава и со изработка на накит од мерино волна. Со своите уникатни парчиња, сака да им го разубавува секојдневието на луѓето.

Колку оваа победа ти го смени животот, со оглед на тоа дека тогаш имаше само 17 години, дали тоа беше твојата „отскочна даска“?

-Чувството е прекрасно кога ќе добиеш признание за твојата убавина, нека не звучи нескромно, “најубава жена во Македонија” ми ја зголеми самодовербата, ми донесе многу соработки и модни ангажмани, широко отворени врати кон светот, но и стапала на цврсто тло. Не ме промени, не ги промени моите планови и желби да бидам тоа што сакам да бидам, само беше еден прекрасен период во кој живеев како филмска ѕвезда.

Што се случи со манекенството, зошто се тргна од модните писти?

-Манекенството е интересно некое време, но животот носи нови предизвици: факултет, студентски денови, колоквиуми, испити, стремеж за десетки во индексот… бев решена дека од себе не сакам да направам “вечна манекенка” и природно модните писти ги заменив со библиотеки и читални. Повеќе време вложував во надградба на сопственото знаење и вештини во насока на професијата која ја избрав да ми биде животна определба.

Со што се занимаваш сега?

-Јас сум дипломиран социолог, но и покрај тоа постојано работам на сопствената професионална надоградба. Вработена сум како стручен соработник во основно училиште, постојано сум опкружена со деца, тие учат од мене, но и јас од нив.

Децата, во мене можат да препознаат поддршка, јас сум нивен соработник и партнер, секогаш сум на нивна страна и тогаш кога сум строга и кога сум лута.

Имаш необично хоби, изработка на накит и украси од мерино волна. Колку во Македонија има интерес за тоа?

-Среќна сум што својата креативност можам да ја изразам и да ја претворам во креација. Изработувам накит од мерино волна- венчиња, брошеви, ланчиња, обетки, приврзоци, но и разни украси, кои ги продавам во мојата онлајн продавница woolloow.mk. Има голем интерес за рачните изработки и тоа навистина ме радува.

Каде го научи овој „занает“ и дали тој го надополнува твојот буџет?

-Имам многу идеи и постојано ми се раѓаат нови и нови… пробувам, правам, расипувам, преправам, фрлам… така се учи, со многу труд и многу работа. Продавам, но и подарувам! Заработка имам, но не ми е важна. Сакам задоволни и среќни клиенти, сакам насмеани лица, сакам кога им го развеселувам секојдневието на луѓето.

Дали жените во Македонија сакаат да носат уникатен накит ?

-Сакаат! Постојано имам нарачки за нови креации.

Неодамна стана и сопруга и мајка, како сега изгледа еден твој обичен ден и во кој дел од денот најмногу уживаш?

-Не баш неодамна, но времето лета кога е убаво и исполнето. Во секој дел од денот си наоѓам по некоја радост и уживам во моментите на добро завршени работни обврски, учење, креирање, едукативни игри со мојата ќерка Лена. Некогаш дури и само една нејзина прегратка може да ми го поправи лошиот ден, па веднаш потоа сум подготвена за песнички, разни игри или раскажување приказни.

Сакам прошетки во природа, патувања, кафе и долги разговори со моите другарки.

Моментално живееш во Струга, дали некогаш би се отселила?

-Струга е мојот дом. Каде и да одам, знам дека имам каде и кому да се вратам.

Моника Пејоска Насковска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.