ММС

Објавено на: 03/2/21 10:40 AM

Вучиќ пристигна во Сараево, контингент од 5.000 вакцини наменет за БиХ

Српскиот претседател Александар Вучиќ и контингент од 5.000 вакцини од компанијата „АстраЗенека“, утрово пристигнаа во главниот град на Босна и Херцеговина.

На аеродромот „Бутмир“, донацијата од соседот ја примија Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ, иако според најавите претседателот на Србија требаше да го пречека целото претседателство на БиХ. Во присуство на Александар Вучиќ се наоѓа и Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, пренесува „Танјуг“.

Вучиќ истакна дека оваа донација е особено важна за здравствените работници кои директно се изложени на опасноста од коронавирусот, воедно испраќајќи и порака за солидарност помеѓу земјите од регионот.

-Тоа се вкупно 10.000 дози. Утре 5.000 дози, а за некој ден уште 5.000. Мислам дека тоа е посебно важно за здравствените работници кои работат во „црвената Ковид зона во БиХ“. Мојата порака е дека ние мораме да се свртиме едни кон други, да не мислиме дека сите други ни се позначајни, а да е важно колку лошо ќе кажеме за оние кои ни се најблиски, нагласи претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Тој додаде дека балканските народи кога се единствени поседуваат огромна моќ. Србија на 14 февруари на македонската Влада ѝ донираше 4.680 дози од фајзеровата вакцина.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.