ММС

Објавено на: 03/1/21 2:02 PM

Кари: Тимовите сè уште сакаат да нè победуваат „јако“, имаат лоши сеќавања на Вориорс

Екипата на Голден Стејт Вориорс во изминатите години во НБА постави навистина високи кошаркарски стандарди. Тимот предводен од некогашниот соиграч на Мајкл Џордан во Булси, Стив Кер, со сигурност може да се вброи како еден од најголемите колективи што некогаш настапиле во лигата.

Начинот на кој Вориорси играа и поимаа кошарка, го смени целиот текот на НБА лигата. За жал во претходните две години франшизата со престолнина во Сан Франциско се соочи со низа тешки повреди на своите најдобри и најистакнати поединци. Серијата започна уште во финалето со Торонто Репторс кога Кевин Дурант ја „скина“ тетивата, а веднаш потоа и Клеј Томпсон се оддалечи од терените на една година. Да биде ситуацијата полоша, следеше повреда и на иконата на оваа екипа, Стеф Кари.

Во меѓувреме Дурант се пресели во Бруклин Нетс, Клеј Томпсон ја обнови повредата, а единствен фит кошаркар во стројот на Кер, покрај Дрејмонд Грин, од старата гарда остана токму Кари.

По вчерашниот пораз од Лос Анџелес Лејкерс од 117:91, Стеф искрено зборуваше пред медиумите, велејќи дека Голден Стејт во минатото оставил длабок траг во меморијата на сите франшизи и сега тие се обидуваат по секоја цена да му возвратат.

-Тимовите сè уште сакаат да не победат, сакаат да не победат „јако“. Тие имаат лоши сеќавања од нашите средби во изминатите пет години, изјави Кари.

Плејмејкерот против фаворитите за прстен се запиша во листата на стрелците со 16 поени.

 

 

Фото:

mercurynews.com

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.