ММС

Објавено на: 03/1/21 1:13 PM

Премиерот Заев се огради од ставовите на Георгиевски, вели дека секој има право на лично мислење

Јас уште вчера искомуницирав со Георгиевски, објаснив дека тоа не може да биде став ниту на Владата, ниту на коалицијата и тој тоа го разбра. Владата ниту преговарала, ниту пак ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, вели премиерот Зоран Заев во врска со Акцискиот план кој Георгиевски го сподели за решавање на спорот со Бугарија.

Ставовите на неговиот коалициски партнер, Заев ги нарече „негово лично мислење“ и потенцира дека секој има слобода да го искаже она што го мисли.

– Идентитетот апсолутно е прашање кое е јасно и недвосмислено фиксирано за било кој. Иако Бугарија вели „ние ги признаваме македонците и македонскиот јазик како реалност, дај да разговараме за минатото“, навистина не мислам дека ние, јас и Борисов или Захариева и Османи треба да разговараме за минатото. Тоа е доминантно прашање на историчарите и верувам дека ќе изнајдат решенија, не би давал длабински коментари бидејќи во Бугарија сега има избори, рече Заев потенцирајќи дека веднаш по изборите очекува да продолжат преговорите и да се одржи првата меѓувладина конференција.

Ставовите или таканаречениот Акциски план на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски за надминување на спорот со Бугарија предизвикаа жестоки реакции во јавноста.  Имено Георгиевски предлага Македонија да даде гаранција дека нема никаква аспирација за Источна Македонија (Пиринскиот дел во Бугарија) и да даде гаранција дека со ништо нема да ги помага и поддржува организациите кои бараат македонско малцинство во Бугарија. Понатаму смета дека македонската страна треба да ја даде под концесија железничката пруга на бугарските железници со пресметан екстра профит за доградување, а Историската комисија да ја промени својата стратегија.

Најостри реакции сепак предизвика ставот дека бугарскиот парламент треба да донесе декларација во која ќе изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 година.

Премиерот Заев за овој став вели дека не е можно на 31 декември 1943 година да сме си легнале како Бугари, а на први јануари  1994 да сме се разбудиле како Македонци и дека тоа го нема никаде во светот.

Ставовите на Георгиевски остро ги осуди ВМРО-ДПМНЕ, а од нив категорично се огради и СДСМ.

За разлика од реакциите кај нас, пак, европратеникот Андреј Ковачев му честита за храброста на Георгиевски  и рече дека многу од идеите на Георгиевски покажуваат вистинско разбирање за реалниот проблем меѓу нашите земји и претставуваат сериозна основа за изнаоѓање политичко решение.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.