ММС

Објавено на: 03/1/21 11:02 AM

Шекеринска не одговори што значи враќањето на капарот за кинеските вакцини, вели сите земји се соочуваат со проблем да обезбедат количини

Министерката Шекеринска не одговори конкретно што значи враќањето на капарот и усогласувањето на документацијата во врска со кинеските вакцини кои беше најавено дека ќе пристигнат кон крајот на минатиот месец. Таа накратко одговори дека би сакала да зборува за работи кои целосно ги познава и за кои не добива информации од Владата, но посочи дека никогаш не криеле информации од јавноста, потенцирајќи дека можеле оваа информација да ја скријат за да не добиваат прашања, но тоа не бил начинот на кој функционира Владата.

– Подобро е да ги кажеме проблемите со кои се соочуваме, вие ги слушате истите фрустрации, истото незадоволство и истите проблематични чекори како и најголем дел од земјите членки на ЕУ – група на земји кои во принцип се сметаше дека ќе го диктираат темпото во овој период, но дури и тие се соочија со проблеми со дел од производителите и со обезбедување на потребните количини. Она што е добро е дека барем здравствените работници успеаа благодарение на донацијата од Србија да обезбедат дополнителна заштита, рече Шекеринска по денешното примопредавање на американска донација за потребите на Армијата .

Шекеринска вели дека со исклучок на САД и Обединетото Кралство, сите други држави во НАТО се соочуваат со предизвикот како да обезбедат повеќе вакцини, за пократок период.

– Особено е тешко е за мали држави кои во моментот кога ќе седнат со производителите се многу мал фактор, затоа што бројките кои нам ни се потребни можеби за големите држави се статистичка грешка – едно маало да се вакцинира. Дури и ЕУ во преговорите со производителите се соочи со сличен проблем. Нам целта ни е час поскоро да обезбедиме функционална вакцина и ќе ги преземеме сите чекори, но се соочуваме со проблем со кој се соочуваат и најголем дел од НАТО членките, вели министерката.

Шекеринска денеска заедно со американската амбасадорка Брнз присуствуваше на прием на нова донација на опрема за Армијата. Како што најави министерката станува збор за дел од поголем проект кој го финансира владата на САД, а кој ја помага модернизацијата и опремувањето на нашите армиски сили.

– Со оваа донација обезбедуваме над 1200 М-4 автоматски пушки со калибар 5.56 кој што е стандард на НАТО земјите членки. Со оваа опрема дополнително освен специјалните сили кои досега добија пушки од овој тип, ќе обезбедиме целосно опремување на нашата лесна пешадија, која ја подготвуваме за првото НАТО оценување во 2022 година, рече Шекеринска.

Амбасадорката Брнз посочи дека донацијата е уште еден пример на нашата долготрајна соработка, но и доказ за обврската на земјава за модернизирање на армијата. Брнз посочи дека ова е заложба Армијата да биде не само подготвена и активна како најнова сојузничка во НАТО, туку да биде добро позиционирана и да придонесува заедно со силите на САД.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.