ММС

Објавено на: 03/1/21 10:18 AM

ОН: Најмалку 18 мртви на протестите против воениот удар во Мјанмар

Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права ја осуди ескалацијата на насилството над демонстрантите во Мјанмар, повикувајќи ја воената власт во земјата веднаш да ја запре употребата на сила, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Остро ја осудуваме ескалацијата на насилство против протестите во Мјанмар и ја повикуваме војската веднаш да запре со употреба на силата против мирните демонстранти”, рече Равина Шамдасани, портпаролка на канцеларијата.

Истакна дека канцеларијата на Обединетите нации за човекови права има веродостојни информации дека поради употреба на сила најмалку 18 луѓе починале, а преку 30 лица се ранети во протестот против воениот удар.

„Во текот на целиот ден, на неколку локации во целата земја, полицијата и воените сили се судрија со мирните демонстранти, користејќи и смртоносна сила”, додаде таа.

До смртните случаи дошло поради боевата муниција испалена од огнено оружје во масата во Јангон, Давеи, Мандалаја, Мјеика, Бага и Пококу.

Според изјавите на сведоците и известувачите на локалните медиуми, демонстрантите се соочиле со солзавец, гумени куршуми и шок бомби во одговорот на полицијата и војската на кампањата против военото преземање на власта во земјата од југоисотчна Азија.

„Народот на Мјанмар има право мирно да се собира и да бара обнова на демократијата”, рече Шамдасани и додаде:

„Војската и полицијата мораат да ги почитуваат тие основи права, а не да одговараат со насилна и крвава репресија”.

Од Канцеларијата на ОН за човекови права соопштено е дека смртоносната сила против ненасилните демонстранти никогаш не е оправдана со меѓународни норми за човекови права.

„Од почетокот на државниот удар во Мјанмар од 1 февруари, полицијата и безбедносните сили ги имаа за цел поголемиот број опозициски гласови и демонстранти со апсење на политичките функционери, активисти, претставници на цивилното општество, новинари и медицински експерти”, изјави Шамдасани.

Денес полицијата приведе околу 85 медицински работници и студенти, како и седум новинари присутни на протестите.

Повеќе од 1.000 лица уапсени се и задржани во притвор, а за некои се уште се трага.

Од Канцеларијата за човекови права упатен е уште еден повик за итно ослободување на притворените, вклучувајќи ги членовите на демократски избраната влада.

„Меѓународната заедница мора да биде солидарна со демонстрантите и сите кои бараат враќање на демократијата во Мјанмар”, рече Шамдасани.

Мјанмарската војска, службено позната како Татмадав, прогласи вонредна состојба на 1 февруари, неколку часа по притворањето на челничката на земјата Су Кји и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (NLD). Воениот удар се случи неколку часа пред првото заседавање на новиот состав на парламентот по изборите во ноември минатата година на кои партијата НЛД оствари победа.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.