ММС

Објавено на: 02/26/21 6:55 PM

Супер-дерби во 1/8 финалето од Европа Лига, Динамо Загреб ќе ја бара шансата преку Жозе Мурињо

Осминафиналето на второто по квалитет европско клупско натпреварување, ни донесе поприлично возбудливи, па и парови достоинствени за Лигата на Шампионите, без никакво сомнение.

Италијански Милан многу потешко од очекувањата и без победа против Црвена Ѕвезда, но со два гола во гости доволни за прогрес, сега ќе ја има и можеби најтешката задача пред себе. На гости му доаѓа Манчестер Јунајтед, главниот фаворит за освојување на овосезонскиот трофеј.

„Црвените ѓаволи“ без никакви проблеми го поразија Реал Сосиедад (0:4, 0:0 ), манифестирајќи сила и истакнувајќи се во прав план кон походот за трофејот кој вреди и загарантирано место во ЛШ за следната кампања.

Aрсенал ќе бара одмазда против грчки Олимпијакос за ланското болно испаѓање на „Емирати“, а третиот англиски претставник во ова натпреварување, Тотенхем, ќе се соочи со единствениот претставник од екс-ју просторите, Динамо Загреб. Екипата на Аријан Адеми во два наврати го победи Краснодар и заслужено резервираше билет помеѓу 16-те најдобри.

Од останатите парови, Рома ќе го дочека Шахтјор Доњецк, Славија Прага која направи огромен потрес елиминирајќи го третопласираниот во Премиер Лигата, Лестер, ќе се сретне со препородениот Глазгов Ренџерс, Гранада преку второто изненадување, норвешки Молде, го бара местото во 1/4 финалето, додека пак Ајакс и Јанг Бојс, како и Динамо Киев и Виљареал, ќе се обидат да се вклучат во трката за титулата во Европа Лига. Воведните дуели од оваа нокаут-фаза ќе заземат место на 11 март. Реваншите се седум дена подоцна на 18 истиот месец.

 

 

 

 

Фото:

Тwitter / @EuropaLeague

siempremilan.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.