ММС

Објавено на: 02/26/21 4:59 PM

Северна Македонија и Албанија први земји од Конвенцијата за полициска соработка на ЈИЕ кои ќе пристапат кон размена на автоматизирани податоци

Делегација на Министерството за внатрешни работи, составена од членови на Кабинетот на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши, помошник министерот на Одделот за ЕУ и меѓународна соработка, помошникот министерот за правни работи, судски постапки и управување со човечки ресурси, како и претставници од Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења и од Одделот за информатика и телекомуникации реализираше студиска посета на Министерството за внатрешни работи во Тирана, во организација на Секретаријатот на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа (КПС ЈИЕ) и Министерството за внатрешни работи на Република Албанија.

Како што денеска соопшти МВР, целта на посетата била размена на искуства околу практичната примена на Договорот за автоматизирана размена на ДНК податоци, отпечатоци од прсти и податоци за регистрација на возила, сложеноста на областите и различните степени на функционалност и поставеност на базите на податоци кои треба да се разменуваат меѓу двете земји.

Во рамки на посетата е одржан и заеднички состанок кој го отвори заменик министерот за внатрешни работи на Албанија, Бесфорт Ламаљари, кој истакна дека од голема важност е двете земји да соработуваат во областа на автоматизираната размена на податоци, со цел зголемување на безбедноста на двете земји и во регионот.

– Раководителот на Секретаријатот на КПС ЈИЕ, Отавио Ботекја истакна дека двете земји се меѓу првите што ја ратификувале Конвенцијата и кои ќе ја стават визијата на Конвенцијата во пракса, односно ќе бидат првите земји во рамки на Конвенцијата кои ќе пристапат кон взаемна размена на автоматизирани податоци, се наведува во соопштението од МВР.

Помошник министерот на Одделот за ЕУ и меѓународна соработка, Муамет Реџепи посочи дека ова претставува одлична можност за размена на идеи и воспоставување исклучителна соработка, која е од интерес на сите во исполнување на поставените цели и резултати, а воедно напомена и дека Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења прерасна во лидер во регионот во областа на форензичната дигитализација.

На состанокот презентации имаа и претставници од Институтот за научна полиција и Директоратот за информатичка технологија на Албанија, при што биле прикажани активностите на двете институции и системите со кои располагаат.

Фото: МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.