ММС

Објавено на: 02/26/21 1:02 PM

Казната е драконска, а решението за притвор незаконско: Адвокатот на Мијалков најави жалба

Дванаесетгодишната затворска казна која денес му беше изречена на Сашо Мијалков, е драконска според неговиот адвокат, Љупчо Шврговски.

„Да се даде максимум за секое поединечно кривично дело, каде што е поднесен обвинителен предлог, е преседан правен. Нема да најдете во правосудството ни една пресуда  каде што за обвинителен предлог е дадена максимална казна затвор. Откако ќе го добиеме решението имаме право на жалба“, посочи адвокатот во изјава за медиумите на излегување од Судот.

Коментирајќи ја одлуката за замена на мерката куќен притвор со ефективен, тој рече дека тоа е спротивно на законот.

„Во однос на одлуката на Судот сметаме дека е спротивна на законот бидејќи при определена мерка домашен притвор, не е повредена ниту една обврска од она што е наведено таксативно во самото решение за определување на домашен притвор. Во моментот Сашо Мијалков се наоѓа во домашен притвор и не постои воопшто можност да се даде во бегство“, додаде адвокатот.

Инаку, Мијалков може да биде во притвор максимум 60 дена, а во затвор ќе биде пренесен откако Судот ќе го изготви новото решение, бидејќи тој се уште има решение за домашен притвор. Кога документот ќе биде готов, неговите адвокати ќе поднесат жалба, а најавија дека ќе се жалат и во однос на пресудата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.