ММС

Објавено на: 02/26/21 12:38 PM

Мијалков оди во Шутка: Поради опасноста од бегство, куќниот притвор заменет со ефективен

Обвинителството предложи,  а судот прифати мерката куќен притвор на Сашо Мијалков да биде заменета со ефективен до правосилноста на пресудата.

Судот потенцира дека предвидено е по објавување на пресудата притворот да трае најмногу 60 дена, а обвинетиот Сашо Мијалков од Скопје да биде примен во КПУ Затвор Скопје на издржување мерка притвор. Веднаш се задолжуваат овластените службени лица од СВР Скопје ПС Центар да го преземат обвинетиот Мијалков од адресата каде се спроведува мерката куќен притвор и да го спроведат до КПУ Затвор Скопје – истакна судијката Џенета Бегтовиќ.

Замената на куќниот со ефективен притвор ја побара обвинителката Ленче Ристовска, бидејќи како што рече, се работи за човек којшто е добро ситуиран и поседува приватни бизниси, што ја зголемува опасноста од бегство.

Во текот на вчерашниот ден се добиени известувања од МВР и БЈБ согласно кои тие не поседуваат техничка опрема и можност за 24 часовен видео надзор над Мијалков. Дополнително, преку Европол потврдено е дека Мијалков има дозвола за престој во Прага и регистрирани две возила на свое име. Членовите на неговото семејство исто така поседуваат приватни бизниси и сето тоа му става на располагање финансиски можности да организира логистика и да живее во бегство сосема комотно – потенцираше обвинителката.

За потсетување, Мијалков денеска беше осуден на 12 години затворска казна за случајот Таргет-Тврдина. Во Основниот Кривичен суд тој беше спроведен со полициско комбе од негвиот дом на Водно, каде почна да ја издржува претходно определената мерка куќен притвор.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.