ММС

Објавено на: 02/26/21 12:35 PM

Преку проектот „Кажи за другите да знаат” до унапредена комуникација на штипјани со општината

Во процес на надградба на интернет страната, со создавање платформа за вградување на дигитални алатки комуникација и услуги е Општината Штип. Ова е последица на укажаните недостатоци во комуникацијата на општината со граѓаните, што беа утврдени во текот на спроведување на проектот „Кажи за другите да знаат” на Здружението на граѓани „Медиа плус” од Штип, поддржан од Фондацијата отворено општество Македонија.

Ова на завршниот настан од проектот го соопшти градоначалникот на Штип, Сашко Николов, кој кажа дека општината исто така е во процес на дигитализирање на дел од услугите, вклучувајќи и електронски преглед и плаќање на данокот од страна на граѓаните.

-Работиме на проект за онлајн плаќање на даноци, сите давачки коишто се поврзани со нашата општина, со цел да се намали гужвата во оваа ковид пандемија, во општинските простории, рече Николов.

Деновиве се очекува распишување на јавна набавка за унапредување на општинскиот сајт, од каде граѓаните секојдневно се информираат. Работната група на проектот, составена од претставници на Советот на Општината Штип, граѓански активисти, новинари и претставници на Универзитетот „Гоце Делчев“, укажа на потребата од промени, вклучувајќи поголема транспарентност и подобра комуникација со граѓаните и граѓанските организации.

– Потребни се поквалитетни содржини на интернет страната на Општина Штип stip.gov.mk од интерес на граѓаните, кои ќе информираат за актуелностите на Општината со сите нејзини институции и тела. Сеопфатни информации, вклучувајќи и сервисни од јавните претпртијатија, со цел да се избегне сајтот да биде билтен од работата на градоначалникот. Олеснување на доставување на барањата до општинските служби. Да се поедностави процедурата за добивање на одредени општински услуги, со едноставни објаснување и поставување на формулари, кои во еден клик ќе водат до комплетно администрирање на барањето.Видливи и лесно достапни информации на интернет страната за електронско пријавување на проблеми до инспекциите и дежурните служби на јавните претпријатија, се дел од забелешките и препораките од работната група, што на завршниот настан ги презентира Бети Пеева, граѓански активист.

Нагласена е потребата од утврдување на приоритетите на граѓаните на годишно ниво, со оглед на тоа дека зависно од условите и општествената ситуација, потребите, проблемите и приоритетите на граѓаните се менуваат, а општината треба да биде во тек заради утврдување на приоритети во  креирањето на политиките и буџетот. Оваа активност се планира во Буџетот на Оштината, а како форма може да се примени структурана анкета или граѓански форум.

Што се однесува до соработката со граѓанските организации, беа изнесени наодите од анализата на Медиа плус, според кои, во изминатите десет години бројот на активни граѓански организации опаднал, наместо да расте.

-Соработката со Општината Штип е инцидентна. Општината ретко се јавува како соработник на проекти. И покрај планирањето на средства во општинскиот буџет за проекти на граѓанскиот сектор, во изминатите десетина години (2010 -2020), само еднаш е распишан јавен конкурс (2018) за доделување на средства за проекти на граѓанските организации, според утвредна методологија. Во извештајните документи на Општината, во ставката „Трансфери кон невладини организации“ нема јасна дистинкција меѓу финансирањето на спортските клубови и средствата издвоени за проекти на граѓанскиот сектор, покажа анализата на Медиа плус.

Граѓанските актисти, кои учествуваа на завршниот настан укажаа на потребата од поголема соработка со општината за поголем бенефит на заедницата. Не се користи ниту експертизата на граѓанските организации, туку таа соработка е инцидентна. За разлика од другите општини, кои на почетокот на годината излегоа со јавни повици за финансирање на проекти на граѓанските организации, Општината Штип таков повик нема распишано, ниту пак има најава за кога го планира.

Основање на Ррегистер на активни граѓански организации во Штип со нивни контакти со редовно дополнување, е една од дефинираните потреби. Преку јавен повик се организира редовното дополнување на овој регистер, со тоа што се пополнува прашалник од страна на ГО. Потоа, разграничување на спортските здруженија кои се регистрирани согласно  Законот за спорт  од другите граѓански организации кои се регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации. Разграничувањето треба да се однесува и на посебни ставки во Буџетот на општината, каде ќе биде јасно колку средства општината доделува на спортските здруженија, а колку за трансфери до НВО. Досега беше пракса сите средства доделени на спортските клубови да се регистрираат во ставката за трансфери до НВО и се добива впечаток дека  општината ги финансира граѓанските организации со огромни суми.

Медиа плус во текот на спроведувањето на проектот  од мај 2020 година, до февруари 2021 година изработи анализа „Дигитализај_ме“ за примената на догитални алатики и дигитална комуникација на општините со граѓаните, две новинарски анализи и Преглед на поактивните граѓански организации (анализа).

За проектот: Целта на проектот „Кажи за другите да знаат“ е подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните и граѓанските организации со локалната власт во Штип, како основа за предлагање и поголемо учество во донесување на одлуките од важност на сите.

Проектот го спроведува ЗГ Медиа Плус од Штип, поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.