ММС

Објавено на: 02/26/21 12:02 PM

Вкупно 55 години затвор и 10 години условни казни за обвинетите во Таргет-Тврдина:

Затворска казна од 55 години и 10 години условни казни им изрече денес Основниот кривичен суд Скопје на единаесетмината обвинети во случајот Таргет-Тврдина, кој се однесува на нелегалното прислушување во земјава од 2008 до 2015 година.

Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков како што и претходно објави ММС, е осуден на 12 години затвор за кривичните дела „злосторничко здружување”, „злоупотреба на службената положба и овластување” и „примање награда за противзаконито влијание”. Според обвинението, Сашо Мијалков ги следел комуникациите кои се одвивале преку телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби за следење на комуникациите. Ги прибавил и ги знаел сите лозинки и кориснички имиња креирани за пристап до системот за следење на комуникациите. Од компјутерот кој се наоѓал во неговата канцеларија внесувал телефонски броеви и ги следел комуникациите кои се одвивале преку нив, иако не постоеле судски наредби.

На поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, денеска им се изречени казни затвор од по 15 години. Екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е осудена на четири години затвор. Таа се товари за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков,  Тони Јакимовски е осуден на шест години затвор  за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување” и „фалсификување службена исправа”, а началничката Надица Николиќ доби затворска казна во траење од три години за кривично дело „злосторничко здружување” и „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Судот им изрече условни затворски казни од две години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, кои се товарат за кривичните дела „злосторничко здружување” и „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Обвинетата Валентина Симоновска пак, доби  условна казна затвор од две години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа”.

Во оваа постапка сослушани се вкупно 123 сведоци, беа изведени вкупно 887 материјални докази и 5 вештачења, а со обвинителниот акт беа опфатени 217 оштетени.

Пресудата за „Таргет-Тврдина” ќе биде првостепена, а странките ќе имаат право на жалба до Апелацискиот суд.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.