ММС

Објавено на: 02/26/21 11:31 AM

Дванаесет години затвор за Мијалков: Падна пресудата за Таргет-Тврдина!

На дванаесетгодишна затворска казна е осуден денеска поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Пресудата за случајот Таргет-Тврдина тој денеска ја слушна во Кривичниот суд во Скопје каде беше спроведен од домашен притвор сместен во полициско комбе, а придружуван од голем број полицајци.

Овој случај се однесува на нелегалното прислушување на над дваесет илјади македонски граѓани во периодот од 2008 до 2015 година.

Обвинителниот акт за овој предмет беше поднесен од поранешното Специјално јавно обвинителство на 30.06.2017 година. Првично беа обвинети дванаесет лица, но постапката против поранешната началничка на Секторот за телекомуникации во МВР, Елена Џиланова, се раздвои откако таа призна вина. Џиланова беше осудена на 6 месеци условна затворска казна под услов да не стори никакво кривично дело во рок на две години.

Судијата Владимир Туфегџиќ на почетокот на денешното рочиште порача дека прислушувањето се вршело со цел да се добие добие одреден бенефит во иднина заради стекнување предност во одредени општествено-политички текови.

Поразително е тоа што нелегалното следење на комуникациите се вршело преку системите кои треба да служат за заштита на граѓаните и безбедноста во целина. Особена тежина на предметот додава сознанието дека опремата е уништена. Начинот на уништување на опремата е алиби за мотивот кој се наметнува како логичен заклучок, а тоа е уништување на трагите и доказите од незаконското прислушување. Опремата била уништена и на тоа начин е оневозможено да се извршат потребните вештачења – додаде судијата.

Судот во текот на оваа постапка во целост го респектираше правото на одбраната и аргументите кои одбраната ги презентираше, но во текот на оваа постапка е утврдено постоењето на легална опрема со која располагала УБК и која се користела по претходно спроведена обука и процедура. Оваа постапка има големо значење за општеството – порача Туфегџиќ.

Предметот Таргет -Тврдина е еден од најобемните во македонското судство, како по бројот на обвинети, така и по бројт на предложени и изведени вештачења, но и сослушани сведоци. Со ова прислушување потешко се повредени уставно загарантираните права на приватност и слобода на корисниците на телефонските броеви чии телефонски комуникации биле следени. Најчесто таргети биле членови на тогашната опозиција, невладини организации, новинари, деловни луѓе.

Со право овој предмет го нарекуваат „Големиот скандал за нелегалното прислушување“ – додадоа денеска од судечкиот совет потенцирајќи дека ваквиот предмет имал приоритет во постапувањето.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.