ММС

Објавено на: 02/26/21 9:39 AM

Меркел: Вакцината на АстраЗенека е безбедна, но јас не би се вакцинирала

Германската канцеларка, Ангела Меркел изјави дека нема да се вакцинира со вакцината на АстраЗенека. Иако ригорозната Европска агенција за лекови ЕМА ја одобри вакцинацијата со оваа вакцина за сите постари од 18 години, германските научници не ја препорачуваат за лицата над 65 години. Во интервју за Frankfurter Allgemeine Zeitung, Меркел признава дека вакцината на АстраЗенека луѓето ја одбиваат бидејќи се загрижени поради нејзината ефикасност и безбедност, што пак, претставува последица на лошиот публицитет.

-Постои проблем со прифаќањето на оваа вакцини. Се работи за безбедна и ефикасна вакцина. Одобрена е од ЕМА, а во Германија се препорачува за помладите од 65 години. Сите релевантни авторитети ни говорат дека тоа е вакцина на која може да и веруваме. Во моментот кога ќе нема доволно вакцини не можеме да бираме со што ќе се вакцинираме – додава таа во интервјуто.

На прашањето дали самата би се вакцинирала со АстраЗенека Меркел вели: „Јас имам 66 години и не влегувам во групата за која се препорачува оваа вакцина“.

Како што пишува Гардијан, дури четири петини од вакцините на АстраЗенека кои се испорачани до европските земји, се’ уште не се искористени. Проблемот со одбивањето на оваа вакцина е особено изразен во Германија, каде повеќе од милион дози се ‘уште стојат складирани, пред се’ затоа што луѓето не сакаат да ја примат оваа вакцина. Германија досега искористи околу 15 проценти од дозите од АстраЗенека.

Властите во Франција, Германија, Полска и Италија препорачуваат вакцинирање со оваа вакцина само за помладите од 65 години. Токму тоа се чини, е и клучниот факто кој влијае на бавната примена на оваа вакцина во европските земји.

Претседателот на Франција пак, Емануел Макрон вчера рече дека би се вакцинирал со вакцината на АстраЗенека кога ќе дојде ред на него.

-Ако ги гледаме научните студии, ефикасноста е докажана. Ќе дојде и мојот ред, но има време. Ако ми ја понудат таа вакцина, секако дека ќе прифатам – додаде Макрон.

 

Фото:  Instagram /   bundeskanzlerin

Извор: nova.rs


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.