ММС

Објавено на: 02/26/21 8:01 AM

Жените-жртви на насилство обесхрабрени за сместување во засолништа заради супстандардните услови и ограниченото време за престој

Не мора да те удри, да те дави или да ја удира твојата глава од ѕид за да се смета за семејно насилство. Самото деградирање, понижување, обвинување, викање, лажење, изневерување, задржување на финансиите или каква било контрола врз тебе – е семејно насилство. Семејното насилство подразбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв кон брачен другар, родители или деца, или пак секое друго лице што живее во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица што се наоѓаат во блиски лични односи.

Центрите за згрижување на лица-жени жртви на семејно насилство се една од најбитните услуги, неопходни на жените за да можат да излезат од кругот на насилството, меѓутоа и да останат безбедни. Во овие засолништа се сместуваат жените кога постои непосреден ризик по нивниот живот и кога немаат други ресурси каде тие можат да бидат сместени и згрижени.

Од Министерството за труд и социјална политика за МИА информираат дека на територијата на нашата држава функционираат 11 специјализирани сервиси за згрижување на жртви на семејно насилство во шест плански региони низ целата територија: Скопски -3 ,  Југозападен -1,  Источен -2,  Вардарски-2, Југоисточен- 1  и  Пелагониски регион – 2.

Посочуваат дека од МТСП се отворени вкупно осум центри: два Кризни центри 24/72 часа: Прилеп и Штип (сместувањето на жртвите е 24 до 72 часа), шест регионални Центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Велес, Кочани, Свети Николе, Битола и  Охрид. Во овие центри сместувањето на жртвите е најмалку 3 месеци со можност за продолжување до една година. Финансирани од Министерството за труд и социјална политика, а менаџирани од граѓански сектор се вкупно два центри: Кризен Центар – Надеж во Скопје и Центри за лица жртви на семејно насилство, НВО Жени на град Скопје.

Исто така, на територијата на нашата држава, Министерството за труд и социјална политика има отворено осум специјализирани советувалишта за жртви на насилство/семејно насилство во седум Плански региони и тоа: Скопје, Куманово Тетово, Кавадарци, Штип, Прилеп, Битола и  Охрид. Исто така и едно советувалиште за сторители на семејно насилство во Скопје.

Од МТСП потенцираат дека жртвите на насилство во засолништата ги добиваат следните услуги: психо-социјална поддршка, привремено згрижување (3 месеци +3 месеци+6 месеци), советодавни услуги, правна помош, вклучување на пазарот на труд со цел финансиска независност на жртвата, услуги во врска со храна, здравствена заштита и други услуги во зависност од потребите на жртвата.

Жртвите обесхрабрени за сместување во засолништата заради супстандардните услови и ограниченото време за престој

Фросина Ивановска, психотерапевт од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во изјава за МИА вели дека жените се обесхрабрени да се пријавуваат за сместување во засолништата заради супстандардните услови кои што ги добиваат и ги плаши тоа што е ограничено времето за престој, бидејќи, како што рече, откако ќе завршат тие месеци тие ниту нашле работа, ниту имаат финансиски примања, а и за толкав период бракоразводната постапка не е завршена.

– Министерството за труд и социјална политика минатата година направи голем чекор со тоа што отвори повеќе засолништа, особено надвор од Скопје, меѓутоа сепак останува предизвикот во однос на квалитетот на самата услуга, бидејќи не е доволно само да си сместена три, шест до максимум една година во тоа засолниште, туку и навистина во тој период да и се обезбеди сето тоа што законски се нуди како можност за жената после тоа да може да продолжи самостојно еден нов живот без насилство, а не да се чувствува дека само била затворена, дека не направила никаков исчекор, ниту во како таа се чувствува и се гледа, ниту во чувството дека може сега самостојно да функционира, особено што повеќето од нив не поседуваат никаков имот и немаат каде да одат или поширокото семејство има ограничени капацитети за тие да можат да бидат сместени таму. Навистина е потребно и кога се нуди оваа услуга, многу често од нашето искуство на жените кои што добиваат други услуги  е дека се обесхрабрени кога ќе слушнат какви се условите или какви се временските ограничувања. Тоа ги застрашува, заплашува и ги обесхрабрува да бидат сместени во засолниште, рече Ивановска.

Таа вели дека она што треба да се обезбеди за секоја жена со нејзините деца која ќе биде сместена во едно засолниште е да биде безбедна, што треба да го гарантира самото засолниште, храна, препарати за лична хигиена и сето она што е неопходно за секојдневно функционирање. Ивановска потенцира дека меѓутоа, неопходно е да се обезбедува континуирано психо-социјална поддршка и советување.

– За да се надмине траумата од доживеаното насилство потребни и се здравствена заштита, правна помош, економско зајакнување и поддршка на жената во редовно продолжување на школувањето, образованието на самите деца. Самата услуга е многу комплексна бидејќи се работи за повеќе фактори вклучени додека таа  живее во тоа засолниште. Таа е најоптеретувачка услуга и затоа овие услуги, односно засолништата ги финансираат министерствата или локалните самоуправи во рамки на кои што се отворени вакви засолништа, рече Ивановска.

Куќа за отворено домување – засолниште откако жртвите го поминуваат престојот во шелтер центрите

Во рамки на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство од март минатата година функционира Куќата за отворено домување.

Ивановска посочи дека оваа Куќа е засолниште за жените откако ќе го поминат шелтер центарот, односно откако ризикот веќе не постои или е многу мал, бидејќи, рече таа, кога ќе заминат тие три до шест месеци изречени се привремени мерки за заштита кон сторителот.

– Ризикот е намален, тие повторно или немаат вработување или имаат многу мали финансиски примања и не можат да дозволат самостојно да живеат под кирија со своите деца и токму затоа во рамки на оваа куќа жените можат да останат од шест до 24 месеци и добиваат поддршка во однос на домување, образованието на децата, во однос на нивно економско зајакнување низ процес на кариерно советување, финансиска и психо-социјална поддршка. Сите пет компоненти се постојано во континуитет обезбедувани. Секоја жена во различен процес и различно време и е потребно за да може на сите пет компоненти за да може да биде стабилна, вели таа.

Потенцира дека жртвата додека е сместена во Куќата не плаќа режиски трошоци, не плаќа ништо по однос на храна и лекарства и вели дека таа практично може да прави заштеда за после некој период да може да продолжи самостојно да функционира.

Од Министерството за внатрешни работи за МИА информираат дека лани регистрирале вкупно 992 кривични дела во врска со семејно насилство. Вкупниот број на сторители е 1025, од кои 930 се мажи и 95 жени. Лани имало 1025 жртви на семејно насилство, од кои 212 се мажи и 840 се жени.

Минатата година се извршени вкупно 486 прекршоци за семејно насилство. Вкупниот број на сторители е 558, од кои 471 се мажи и 87 се жени.

Бројот на поплаки за семејно насилство лани изнесува 3759, од кои пријавени се 3857 сторители, при што 3150 се мажи, а 707 се жени. Вкупниот број на жртви е 3839, од кои 1320 се мажи и 2519 се жени.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.