ММС

Објавено на: 02/26/21 7:38 AM

Една година по првиот случај на Ковид-19 во Македонија: 101.214 заразени, 3.111 починати

Помина точно една година од првиот потврден случај на заболен од Ковид-19 во земјава, а пандемијата се’ уште не стивнува.

Првиот потврден случај беше жена од Скопје родена 1970 година која престојувала во Италија и во земјава допатувала преку граничниот премин Табановце на 26 февруари 2020 година, превезувајќи се во комбе во кое имало уште неколку лица. Веднаш беше сместена на интензивна нега во одделот за изолација на Инфективната клиника во Скопје по што властите почнаа со спроведување мерки меѓу кои беше и 14-дневна изолација на останатите патници во комбето. На почетокот не препорачуваа здравите луѓе да носат маски, а потоа препорачаа да  се носат и ракавици и маски за заштита од коронавирусот.

Иако првите проценки беа дека во земјава ќе се заболат само 2.000 лица и дека ќе има само неколку починати, досега вкупната бројка на Ковид дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата изнесува 101.214, бројката на оздравени пациенти е 90.685, на починати е 3.111, а бројот на активни случаи изнесува 7.418.

Во изминатото деноноќие регистрирани се 582 нови случаи на Ковид-19 од направени 2.972 тестирања,  починати се 13 лица на возраст од  48 до 89 години сите во болнички услови, а регистрирани се 374 оздравени пациенти.

Вкупниот број пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 671 и има околу 400 празни болнички кревети во ковид центрите.  Во изминатите 24 часа само во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 24 нови пациенти поради компликации од коронавирусот со што вкупно 248 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

На почетокот на пандемијата бројот на заболени беше многу мал, а земјава прва во регионот воведе строги мерки за заштита од коронавирусот меѓу кои и полициски час. Во мај постепено почнаа да се олабавуваат мерките што придонесе за значително зголемување на заболените и појава на првите смртни случаи од Ковид-19. Летото помина релативно добро и покрај ризикот од одржувањето на парламентарните избори кои првично беа закажани за 12 април, но беа неколку пати одложувани заради пандемијата, па Сепак се одржаа на 5 јули.

Поради коронавирусот беше одложен и почетокот на училишната година која наместо во септември почна во октомври со претежно онлајн настава. Исклучок беа децата од прво до трето одделение кои посетуваа настава со физичко присуство и дел од училиштата во руралните средини, како и некои средни стручни училишта во кои е неопходно физичко присуство заради практична настава.

Нов замав пандемијата доби на крајот на есента и почетокот на зимата кога на препорака на Комисијата за заштита од заразни болести беше донесена одлука заштитни маски да се носат и на отворено.

Како основна средство за прекинување на пандемијата во светски рамки беше посочена имунизацијата против Ковид-19, која масовно прво почна да се применува во Велика Британија, а во земјите од регионот во Србија. Земјава очекуваше вакцини да добие преку ковакс системот, но тоа целосно потфрли. Имаше и најави за добивање вакцини од соседна Грција и Бугарија, но и тоа не се случи.

По многу одложувања заради проблеми со средување на неопходната документација и гарантирање на транспортот првите 4.680 од вкупно 8.000 вакцини од производителот „Фајзер” пристигнаа во земјава како донација од Србија на граничниот премин Табановце на 14 февруари. Нив лично на премиерот Зоран Заев му ги предаде српскиот претседател Александар Вучиќ по што почна вакцинацијата на медицинските лица кои работат во ковид центрите.

МИА

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.