ММС

Објавено на: 02/26/21 12:01 AM

„Амнести интернешнал“ протестира против продажбата на оружје од Франција во Саудиска Арабија и ОАЕ

„Амнести интернешнал“ (Аmnesty International) денеска одржа демонстрации во Париз, повикувајќи ја Франција да го забрани извозот на оружје во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) поради кршење на човековите права во Јемен, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Демонстрациите, кои до 25 март ќе се одржуваат секој четврток, се дел од кампањата за одбележување на шестгодишниот конфликт во Јемен и за да се нагласи соучесништвото на Франција во најголемата хуманитарна криза во светот“, објави „Амнести франс“ (Аmnesty France) на својата веб-страница.

Демонстрантите држеа транспаренти со слогани „Тишина што ја вооружуваме“, „Француско лицемерие“ и „Јемен не може да чека“.

Групата за човекови права соопшти дека целта на неделните демонстрации е да се подигне свеста кај пошироката јавност „за ризиците од продажба на француското оружје и неказнивоста што ја опкружува“.

Со продолжување на продажбата на оружје на Саудиска Арабија и ОАЕ, главните земји вклучени во овој конфликт, Франција „ризикува својот воен материјал да се користи против цивили“.

Јемен е место на длабока политичка и безбедносна криза, која кон крајот на 2014 година ескалира во граѓанска војна, кога бунтовниците предводени од шиитското движење на Хусите и од Конгресот предводен од претседателот Салех го зазедоа најголемиот јеменски град Сана, а потоа и другите региони.

Коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на Владата на Јемен против Хусите, што ја влоши ситуацијата и ја предизвика една од најлошите хуманитарни кризи во светот. Според податоците на ОН, на дури 80 отсто од 24 милиони жители на Јемен им е потребна хуманитарна помош, а гладуваат повеќе од 13 милиони лица.

Во 2017 година, Европскиот парламент усвои необврзувачка Резолуција со која се повикува на ембарго за вооружување на ЕУ против Саудиска Арабија.

Следната година, неколку француски парламентарци повикаа на истрага за продажбата на француското оружје на актерите од конфликтот во Јемен.

Додека побарувањето не беше исполнето и Франција не го прекина извозот на оружје во земјите од Заливот кои учествуваат во Јемен, Комитетот за надворешни работи на Националното собрание започна мисија за утврдување на факти за контрола на извозот на оружје.

Мисијата го достави својот извештај, познат и како извештај „Маире-Табарот“, до Националното собрание во ноември 2020 година, повикувајќи на парламентарна контрола врз продажбата на оружје.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.