ММС

Објавено на: 02/25/21 1:02 PM

Инспектори ќе ги казнуваат несовесните посетители во Скопје ЗОО

Од овој викенд, службите на Инспекторатот на град Скопје ќе ги казнуваат несовесните посетители кои ќе хранат и вознемируваат животни во Скопје Зоо. Санкционирани ќе бидат и оние кои ќе фрлаат отпадоци во живеалиштата на животните и по патеките.

Под мотото „Подарете љубов, а не храна” ја започнуваме кампањата за заштита и благосостојба на животните во Зоолошка градина Скопје. Низ годините многу несовесни посетители фрлаат храна која е несоодветна и штетна за нив и покрај таблите со кодекс на однесување кои се поставени на влезот и низ градината, каде јасно е истакнато се она што е  забрането.

За потсетување, во Скопје Зоо, строго забрането е хранење и допирање на животните, било какво вознемирување на животните и фрлање предмети и отпадоци во нивните живеалишта, тропање по оградите и стаклата, прекачување преку огради и влез во забранети зони. Нашите животни имаат свои таблички за исхрана и секоја храна надвор од тоа е штетна за нив. На пример, имаме животни дијабетичари кои не смеат да јадат банана, портокал и јаболко, или пак голем дел животни за кои зелката е најштетна.

Доколку посетителите сакаат интеракција и хранење на животни, за тоа постои делот Бејби Зоо, каде под надзор на вработени секој посетител добива пакетче храна за животните и може да ги погали и одблизу да се запознае со процесот на чување на миленик.

Секако ги потсетуваме сите кои сакаат да хранат животни, дека на улиците има многу бездомни кучиња и мачиња, како и птици кои се гладни, па доколку ги нахранат со соодветна храна ќе направат хумано дело.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.