ММС

Објавено на: 02/25/21 8:44 AM

Јапонија ќе потроши 1,9 милијарди долари за престој сместување на трупите на САД

Јапонија вчера објави дека ќе потроши 1,9 милијарди долари за престој и сместување на американските трупи за време на следната фискална година која започнува во април, пренесува Анадолија (АА).

Како што наведува „Кјодо њуз“, веста за тоа ја објави јапонскиот министер за надворешни работи, Тошимицу Мотеги, откако Јапонија обезбеди договор за поделба на трошоците за околу 55.000 американски војници сместени во таа земја.

Со договорот за една година е продолжен петгодишниот договор за поделба на трошоците во рамките на билатералниот безбедносен сојуз на двете страни кој требаше да се заврши следниот март, односно на крајот од фискалната година во Јапонија.

„Сакаме да ја сочуваме блиската соработка со САД за да го зајакнеме одвраќањето и способноста на нашиот сојуз да одговори на предизвиците“, изјави Мотеги на прес-конференцијата во Токио.

Поделбата на трошоците се ревидира на секои пет години и ова прашање би требало да се најде во јапонскиот Парламент наредните денови, за да биде одобрено.

Јапонија и САД, меѓутоа, ќе ги продолжат разговорите за поделба на трошоците и наредните години.

За време на поранешниот претседател Доналд Трамп, САД настојуваа земјите домаќини во кои се распоредени американските трупи во поголема мерка да ги сносат трошоците за нивниот престој.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.