ММС

Објавено на: 02/24/21 2:45 PM

Чувар на правдата за потрошувачите: Промовирана мобилната апликација Potroscuvaci MK

Потрошувачите во земјава од денеска имаат на располагање нова мобилна апликација за заштита на нивните права. Апликацијата Potroscuvaci MK ја промовираше Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ. Освен апликацијата, која е достапна на македонски и албански јазик, беа промовирани и Извештајот од мониторингот на седум клучни институции за правата на потрошувачите како и други резултати од проектот „Чувар на правдата за потрошувачите“ – пет водичи за правата на потрошувачите, нова веб страница www.zastitanapotrosuvaci.mk и други анализи и препораки за унапредување на политиките за заштита на потрошувачите.

Претставникот на ИСИЕ, Дарко Спасевски на промоцијата ги потенцираше клучните наоди од мониторингот на институциите надлежни за заштита на правата потрошувачите. Во таа насока, ја нагласи потребата од континуирано градење на капацитетите и обуката на човечките ресурси како и поголемото учество на граѓанскиот сектор во телата на овие институции.

Претставникот на Секретаријатот за европски прашања, Христина Конеска – Бероска се обрати на промоцијата и ја нагласи важноста на заштитата на потрошувачите во претпристапните преговори со ЕУ.

На настанот се обрати и претставничката на проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ Шерифе Исмаили-Касапи која кажа дека заштитата на правата во Европската Унија се врши преку заштита на нивните економски интереси, како и со постојано едуцирање на граѓаните. Таа исто така нагласи и дека преку хармонизација на нашето законодавство со она на Европската Унија ќе се доближиме до ЕУ стандардите за заштита на потрошувачите.

Проектот „Чувар на правдата на потрошувачите“ беше спроведен со грант доделен од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ кој го спроведува Канцеларијата на Обединети Нации за проектни услуги УНОПС, а кој има за цел да го зајакне капацитетот на Република Северна Македонија за интеграција во Европската Унија, а исто така да го помогне и вклучувањето на граѓанските организации и медиумите во текот на сите фази на пристапниот процес.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.