ММС

Објавено на: 02/24/21 2:32 PM

Министерството за култура подели 11 милиони евра за проекти, акцентот ставен врз квалитетот

Министерката за култура, Ирена Стефоска ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области. Акцентот е ставен врз квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност на животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање на креативни творци, на ранливи маргинализирани групи, реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот, сподели на денешната прес-конференција министерката за култура Ирена Стефоска

За првпат, вели таа, одобрени се солидни средства за заштитата на нашето културно наследство. Додаде дека бројни се проектите во програмата со интеркултурен карактер. Одобрени се голем број проекти како поткрепа на заложбата за деметрополизација на културата.

– Не смее да се очекува овој конкурс да ги реши сите децениски наталожени проблеми. Оттука промените во овој конкурс се само првиот пионерски чекор кон усовршување на целиот систем, нагласи министерката Стефоска, која рече дека со соопштување на резултатите се доцни од објективни причини – работа во ковид услови и намален буџет од три милиони евра, поради, како што рече, поранешни нерегуларности со кои сега се занимаваат надлежните институции.

Доделени се толку средства со колку што располага Министерството.

– За првпат не се преземаат обврски повисоки од буџетските средства. За распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнаа 6.352 апликации – рекорден број, рече Стефоска, која изрази голема благодарност до стручните комисии, за, како што рече, нивната непопустливост пред огромните притисоци на кои биле изложени.

Добар дел од другите корисници и националните институции имале неадеквантно и нецелосно пополнети апликации. Нагласи дека мора да се работи на високата свест за взаемна отчетност за трошењето на секој денар.

– Дел од корисниците кои од различни причини, понекогаш легитимни, понекогаш нелегитимни, се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот, па така на разни начини се протнуваат низ дупките во системот – еднаш се појавуваат како автори, другпат како уредници, консултантни, учесници во манифестација, членови на жири комисии, во групен проект. Исти лица си конкурираат самите на себе и така конкурсот ја изгубил смислата на натпревар. Неретки се и оние кои аплицираат со копи пејст проекти, кои изминатите години биле веќе поддржани. Во ваков сложен и проблематичен контекст и комисиите и јас како министерка зазедовме став за суштинска позиција да се обезбеди одговорно, транспарентна и праведна дистрибуиција на парите на даночните обврзници за културата, рече Стефоска.

Дел од апликантите вклчучително и националните установи, додаде, побарале непристојно големи суми, а дел побарале средства за проекти кои заради ковид рестрикциите тешко дека ќе можат да се реализираат.

– Убедена сум дека во резултатите од програмата, културната јавност ќе го препознае напорот за напуштање на прицнипот „по малу за сите“ – таквиот принцип ја обесмислува културата и ја убива креативноста, заклучи Стефоска.

Таа апелираше до Собранието што побрзо да го донесе новиот закон за јавен интерес во културата кој го очекуваат 3 500 културни работници. Роковите за корисниците оваа година, нагласи, ќе бидат пролонгирани за да имаат време да си ги реализираат проектите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.