ММС

Објавено на: 02/24/21 12:20 PM

Координацијата на институциите била клучна во случајот со Мијалков

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски на вонредна прес конференција уште еднаш го повтори ставот дека институциите си ја завршиле работата во случајот со Сашо Мијалков и дека во моментот кога ќе има нови информации тие ќе ги објават во јавноста. Тој потенцираше дека Владата нема да толерира ситуации што ја уриваат довербата во системот.

-Институциите ги превзедоа сите редовни и вонредни мерки за бегството на Сашо Мијалков. Тој се пријави во обвинителството и обезбеден е неговиот домашен притвор. Координацијата на сите институции со сите активности што се презедоа во изминатите два дена дадоа резултат. Владата потврди дека нема да толерира ситуации коишто ја уриваат довербата во системот. Правдата е обезбедена. Тоа е најважно и премиерот Зоран Заев синоќа ги објасни деталите од овој случај, рече Арсовски, кој не одговори на прашањето дали Владата има информации каде бил Мијалков додека траела потрагата по него.

Владините портпароли уште еднаш потврдија дека пописот ќе се спроведе во април и покрај иницијативата на опозицијата за поништување на Законот за попис.

Владата исто така објави дека министерот за надворешни работи Бујар Османи веќе е на пат кон Софија каде што ќе има посебна средба со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.

– Очекувано централна точка на преговорите е да биде  Акцискиот план, штом се врати од оваа посета ќе имаме повеќе информации во МНР и во Владата во однос на тоа што е постигнато. Инаку, знаете дека од претходно, усогласеноста на двата документа коишто ги доставија двете страни е во финална фаза, така што се очекува попрецизно по оваа средба околу идните чекори, рече Арсовски

Вториот портпарол на Владата, Муамет Хоџа откри дека Владата ја усвоила информацијата за проектот Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови. Програмата вредна 25 милиони евра ќе треба да се заврши до 2025 година, а ќе се реновираат студентските домови во државна сопственост во Скопје, Прилеп, Битола, Охрид и Штип. Приоритет ќе има студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје.

Програмата опфаќа и реновирање на санитарни инсталации, обнова на електрична опрема, безбедносни мерки, стандардни работни соби, со цел да се подобри средината за живеење и учење за студентите.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.