ММС

Објавено на: 02/24/21 12:05 PM

Британската амбасадорка очекува да се решат големите случаи на коруција

Решавање на високите случаи на корупција, според амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј е важно за македонските граѓани. Ова беше одговорот на британската амбасадорка Галовеј, која при посетата на Штип беше прашана за коментар за случајот со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, дали неговото пријавување е резултат на акцијата на институциите.

-Мислам дека е извонредно важна борбата против корупцијата и граѓаните да имаат доверба во институциите и функционирањето на владеењето на правото. Затоа е важно да се видат овие големи случаи завршени за луѓето да имаат доверба дека правдата е достигната, одговори амбасадорката Галовеј.

Во однос на реформите во правосудството, за што изминатите години имаше интензивна поддршка од британската влада, амбадорката рече дека очекува резултати од спроведените реформи.

-Реформите што се направени се во добар чекор напред и законите кои што се донесени, се исто така во добра состојба. Предизвикот е тие да се применат и тоа очекуваме да го видиме во наредниот период, рече Галовеј.

Со новиот штипски граодначалник, Сашко Николов британската амбасадорка разговарала за интензивирање на економската соработка, особено со текстилно – кожарскиот сектор во Штип. Галовеј кажа дека и самата потекнува од градот на текстилот, Манчестер, за кој рече дека се воздигнал благодарени на модата и креативните луѓе.

Градоначалникот Николов кажа дека со амбасадорката разговарале и околу одржувањето на форум на далечина меѓу штипските компании и компании од Велика Британија. Допирната точка е текстилот, па според тоа, како што рече Николов, има добра основа за идна соработка.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.