ММС

Објавено на: 02/24/21 11:15 AM

Пет институции ги споија просторните податоци во едно дигитално решение: Надлежните очекуваат стопански развој и поголема заштита на животната средина

Развој на стопанството, подобро просторно планирање и заштита на животната средина. Ова се очекувањата на надлежните од користењето на податоците што ги нуди геопорталот на Националната инфраструктура за просторни податоци. Порталот за просторни податоци претставува интеграција на податоците од сите институции во едно централизирано место од каде тие се достапни за сите заинтересирани корисници.

„Порталот овозможува брз автоматизиран и непречен пристап до овие податоци меѓу институциите во државата. При креирањето на финалното софтверско решение беа земени предвид неколку аспекти – производите, потребите на корисниците, административните и бизнис аспекти, но и нашите визии за тоа како системот треба во иднина да функционира. Новите технологии бараат надградба на знаењата, затоа Агенцијата планира да одржи повеќе работилници на кои ќе ги презентира можностите за користење на податоците преку сервисите за прегледување и размена на истите“, најави денеска на прес конференција директорот на Агенција на катастер на недвижности, Борис Тунџев.

„НИП геопорталот содржи повеќе компоненти. Објавени се просторните податоци и услуги кои може да се преземат од страна на корисниците. Геопорталот овозможува пристап до неколку регистри управувани на централно ниво“, додаде Тунџев.

Досега се објавени над 160 мета податоци, 79 веб сервиси, кои се однесуваат на 82 вида на просторни податоци. Тие се објавени од страна на 5 институции – Агенцијата за катастар, МЗШВ, Центарот за управување со кризи, Управата за заштита на културно наследство и Агенцијата за просторно планирање.

Со Националниот совет за инфраструктура на просторни податоци претседава вицепремиерот, Фатмир Битиќи кој смета дека геопорталот го олеснува пристапот до просторните податоци.

„Податоците може да ги користат државните органи, стопанството и самите граѓани. Со еден клик може да се видат катастарските парцели, патната мрежа, начинот на искористување на земјиштата, како и низа други податоци кои би требало да следат со вклучување на сите ресорни министерства“, изјави Битиќи на денешната прес конференција.

Ваквото дигитално решение кое се очекува да ја зголеми транспарентноста на јавниот сектор е во согласност со европската регулатива за дигитализација на податоците.

 

Вања Мицевска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.