ММС

Објавено на: 02/23/21 11:00 PM

Израел ќе се спротивстави на политиката на Бајден за Иран

Израел сака да заземе цврст став против планот на американскиот претседател Џо Бајден за продолжување на нуклеарниот договор од 2015 година со Иран, објави Израелскиот јавен радиодифузен сервис (IPBC), пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според Израелскиот јавен радиодифузен сервис, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот одржал консултативна сесија за тоа дали Израел треба да го одобри или одбие планот на САД за обновување на нуклеарниот договор со Иран и да гарантира вклучување во проектот на Иран за балистички проектили.

Министерот за одбрана, Бени Ганц, министерот за надворешни работи, Габи Ашкенази, и началникот на Армијата, Авив Кочави, наводно го поддржале заземањето умерен став за ова прашање и иницирањето дијалог со Белата куќа во врска со тоа.

„Израел се обиде да ги убеди Франција, Велика Британија и Германија да додадат клаузули на кој било договор што може да биде потпишан со Техеран во случај да продолжат преговорите за овој нуклеарен договор“, објави Израелскиот јавен радиодифузен сервис.

ЕУ во понеделникот сигнализираше дека Иран може да ги почитува своите нуклеарни обврски доколку САД повторно се приклучат на нуклеарниот договор од 2015 година.

Израел жестоко се спротивстави на договорот што администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама и големите сили го постигнаа со Техеран во врска со нуклеарната програма од 2015 година.

Во ноември, иранскиот претседател Хасан Рухани им се придружи на другите високи ирански претставници во обвинувањето на Израел за убиството на врвниот нуклеарен научник Мохсен Фахризаде.

Минатата недела Израел се спротивстави на намерата на Вашингтон да се врати на нуклеарниот договор од 2015 година. Кабинетот на Нетанјаху во изјавата ја повтори „својата посветеност да го спречи Иран да добие нуклеарно оружје“.

Изјавата беше одговор на пораката на Вашингтон до Советот за безбедност на ОН минатата недела за поништување на санкциите наметнати од Трамп врз Иран.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.