ММС

Објавено на: 02/23/21 8:06 PM

Транспарентноста и кадарот битен за ефикасни судски постапки и пресуди, смета претседателот на Основниот суд Штип

Транспарентноста во работата, редовните средби со медиумите и претставување на реалната состојба на работата на судот е еден од начините да се доближи до граѓаните и секако враќање на довербата во правосудството, вели претседателот на Основниот суд Штип, Ѓорги Андонов.

„Перцепцијата на граѓаните за судството во овој момент можеби не е најдобра, меѓутоа анализите и истражувањата покажуваат дека огромен процент на населението таа перцепција ја базира на изјави или следење медиуми за судски процеси иако реално тие не влегле ниту учествувале во некоја судска постапка. За таа цел потенцирам дека бројот на поплаки на граѓаните во врска со наши судски одлуки е минирна, осносно доста мала во однос на илјадниците предмети кои што нашиот суд ги решава во текот на годината, успешно и ефикасно. Квалитетот на судските одлуки на Основниот суд Штип е задоволителен, еден мал процент на судски одлуки се укинати или преиначени од вкупниот број на илјадници решени предмети,“ изјави Андонов на денешната средба со медиумите.

Според Андонов, на сите тие решени предмети, поднесени се 13 представаки за судии во Судскиот совет, што било минорна бројка во однос на илјадниците бројки на предмети што се решаваат во кои секогаш некој е незадоволен.

„Многу фактори влијаат на ефикасно завршување на судските постапки, така што еден од факторите би бил, недостаток на кадар. Во тој дел би можело да се каже дека недостасува кадар во стручните служби или на судии. Моментални имаме 14 судии кои постапуваат во Основниот суд Штип, еден судија е делегиран во Основниот суд во Берово и на еден судија функцијата му е во мирување бидејќи е член на Судскиот совет. Ние со овој број на кадар на судии  и судска служба со кој располагаме успешно го совладуваме обемот на работа а предметите успешно се решаваа за што  заслужни сите вработени кои што успешно се прилагодија  на условите кои што ги наметна Пандемијата со ковид 19,“ вели Андонов.

Во однос на нерешените предмети, во Основниот суд Штип на крајот од 2019 година останале нерешени вкупно 3487 предмети, на крајот на 2020 биле 3379 предмети. Во текот на 2020 судот успеал да го совлада заостатокот на нерешени предмети во однос на 2019 г за 108 предмети.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.