ММС

Објавено на: 02/23/21 11:27 AM

САД ја преминаа бројката од половина милион починати од Ковид-19

Во Соединетите Американски Држави (САД) се регистрирани повеќе од половина милион починати како последица на коронавирусот, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Според информациите на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, бројот на починати е 500.071, а забележани се повеќе од 28 милиони заразени.

Иако САД забележаа огромна смртност, пандемијата сепак е во пад со секојдневното намалување на бројот на смртни случаи и заразени од јануари, кога пандемијата беше на врвот.

Во неделата се регистрирани нови 56.000 случаи, што е значително помалку од речиси 300.000 што беа забележани на 2 јануари.

Регистрирани се и 1.249 смртни случаи, додека во текот на средината на јануари тој број изнесуваше речиси 4.000 секој ден.

Американскиот претседател Џо Бајден ја предводеше комеморацијата за починатите во пандемијата. Тој изјави дека повеќе Американци починале како последица на коронавирусот, отколку за време на Првата и Втората светска војна и Војната во Виетнам.

​​​​​​​Претседателот Бајден, потпретседателката Камала Харис и нивните сопружници одржаа едноминутно молчење пред Белата куќа.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.