ММС

Објавено на: 02/23/21 11:48 AM

Доживотен затвор за тројца обвинети во Монструм: Денеска изречена пресудата

Три доживотни затворски казни, една казна затвор од 9 години, една од 15 и еден ослободен од обвинение. Ова е исходот од денешното судско рочиште за случајот Монструм, на кое беше изречена пресудата за убиството кај Смилковското Езеро што се случи во 2012 година. Доживотен затвор како казна добија Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ кои беа прогласени за виновни за делото „тероризам“. Хаки Азири е осуден на деветгодишна затворска казна, а Фејзи Азири на петнаесетгодишна. На сите нив во казните ќе им се пресмета времето поминато во затвор или притвор. Обвинението против Сами Љута беше повлечено.

„Како што и основано очекувавме како Обвинителство, сите обвинети за кои предложивме да бидат казнети, од ваша страна се огласени виновни и одредени, за мене, соодветни казни затвор. Заедничко за сите нив е околноста на опасност од бегство. Прво и второобвинетиот веќе скоро 9 години се во бегство. За обвинетите веќе постои решение за определување мерка притвор од моментот на нивно пронаоѓање и лишување од слобода. Со оглед на денешната пресуда со која тие се осудени на казна доживотен затвор, предлагам да се определи иста таква мерка по објавување на првостепената пресуда“, порача обвинителката Фатиме Фетаи.

„Околностите поради кои беше определена мерка притвор за Агим Исмаиловиќ се сменија, и тоа на полошо за него. Во моментот на определување на мерката имавме околности на опасност од бегство, поради тежината и видот на делото за кое се товари, тешко кривично дело тероризам, во кое покрај лишување на живот се предизвика разорување на чувството на безбедност на граѓаните во нашата држава. Тука е и околноста што истиот нема државјанство на Република Северна Македонија и околноста што уште тогаш му се закануваше казна доживотен затвор. Предлагам повторно определување на мерката притвор“, додаде Фетаи.

Таа побара да биде определена мерка притвор и за Фејзи Азири, и покрај тоа што тој во моментот издржува затворска која истекува на 08.09.2022 година  поради друго дело. Фетаи рече дека постои опасност тој да се даде во бегство, имајќи предвид дека има и македонско и косовско државјанство, па како што оцени, за него не би било посебно тешко да премине на територијата на Косово.

Судијата Огнен Стравев претходно оцени дека во овој случај не се работи за обичен таканаречен кривично-правен настан.

Се работи за монстроуозно одземање животни и ликвидирање на деца кои едвај станале полнолетни и убивање на еден млад човек. Замислете го чувството на егзекутираните жртви, една секунда пред нивната ликвидација. Замислете како тие деца кои тукушто навлегле во животот со сите негови убавини, љубови и предизвици, како се чувствувале. Зошто ние, што лошо сме сториле? Не сме ни имале време да сториме. Да ги замислиме чувствата на родителите и роднините на жртвите. Може да замислиме во која психолошка бездна биле кога разбрале дека нивните деца ги нема.  Како се чувствуваат во долго поминатото време барајќи правда за своите најмили кои никој не може да им ги врати – додаде судијата.

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.