ММС

Објавено на: 02/23/21 12:00 AM

СЗО повикува на солидарност за вакцинирање во сиромашните земји

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејсус, денес ги повика богатите земји да не прават дополнителни набавки на вакцини, бидејќи тоа може да ги спречи напорите за да се започне со вакцинација во сиромашните земји и земјите со ниски приходи, јавува Агенција Анадолија (АА).

Говорејќи на прес-конференцијата по виртуелниот состанок со германскиот претседател Франк-Волтер Штајнмаер, Тедрос ги поздрави неодамнешните финансиски ветувања на земјите Г7 за програмата Ковакс, предводена од ОН, но рече дека тие се соочуваат со тешкотии при добивањето вакцини од производителите.

„Дури и да имате пари, ако не можете да ги користите парите за да купите вакцини, имањето пари не значи ништо“, рече Тедрос и додаде дека го информирал Штајнмајер за проблемите со кои се соочуваат.

„Некои земји со високи примања всушност им приоѓаат на производителите за да обезбедат повеќе вакцини, што влијае на договорите со Ковакс. Па дури и износот што беше наменет за Ковакс беше намален поради ова“, рече тој.

Тедрос ги повика земјите со високи примања да се осигурат, пред да побараат какво било барање од производителите на вакцини, дека нивните дополнителни набавки нема да ги нарушат договорите склучени од Ковакс.

Тој им порача на политичарите во богатите земји дека треба јасно да им објаснат на нивните гласачи дека започнувањето на вакцинацијата во посиромашните или во земјите во развој е во интерес на сите.

„Тие треба да им кажат на своите избирачи дека најдобар начин за заштита не е само вакцинацијата, туку и да се вакцинира остатокот од светот, да се подели вакцината со остатокот од светот“, нагласи тој.

„Доколку овој вирус не се победи секаде, не можеме да го победиме на глобално ниво“, изјави тој.

Минатата недела, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди на глобалната нееднаквост на вакцините, нагласувајќи дека 10 земји со високи примања досега примиле 75 отсто од сите вакцини, додека повеќе од 130 земји не примиле ниту една доза.

Програмата Ковакс, предводена од ОН, која ги финансира вакцините за земјите во развој и посиромашните земји, планира да започне со дистрибуција на вакцини подоцна во текот на овој месец.

Ковакс досега склучи договори со производителите на вакцини „АстраЗенека“, „БајоНтек“ и индискиот Институт „Серум“ и се планира да достави 337 милиони дози вакцина за повеќе од 130 земји од крајот на овој месец до средината на 2021 година.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.