ММС

Објавено на: 02/22/21 9:32 PM

Средба на Заев со новиот економски советник од Германија: Поздравен е фокусот кон економијата, се зајакнува соработката

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Јоханес Хајдекер, економски експерт од Сојузна Република Германија, кој доаѓа на местото на досегашниот германски советник Валтер Дефа.

Хајдекер во следните две години ќе биде редовно ангажиран во Владата и ќе работи активно со економскиот тим.

На состанокот, како што информираат од владината прес-служба, е поздравен фокусот на премиерот Заев и на Владата кон развојот на економијата и е разговарано за натамошната имплементација на проектите што се работат заедно со Германското друштво за интернационална соработка.

Заеднички е констатирано дека е важно креирањето одржливи развојни политики, со воспоставување долгорочни и среднорочни стратешки цели и навремено спроведување на стратешките инвестициски проекти. Во таа насока е разгледана важноста од воспоставувањето на Централен мониторинг, со цел следење на имплементацијата на проектите. Разговарано е и за Стратегијата за паметна специјализација, што има за цел да го поттикне растот и работните места во Европа, преку овозможувањето секој регион да ги идентификува и развива сопствените конкурентски предности и за нејзино спроведување во нашата држава, се вели во владиното соопштение.

– Нашата цел е раст на економскиот животен стандард на граѓаните и на тоа сме силно посветени и во овие услови на пандемијата, како земја која стана членка на НАТО и очекува исчекор во европските интеграции. Изразувам голема благодарност до Германија и граѓаните на земјата, за големата поддршка што ја даваат на Република Северна Македонија на политички и на економски план, рекол премиерот Заев.

На состанокот е договорено соработката активно да продолжи со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.